Aвстралија и Велика Британија официјално ги започнаа преговорите за слободна трговија по брегзит и се надеваат дека ќе ги завршат оваа година, објави министерот за трговија во Канбера.

„Во текот на денот, Австралија и Велика Британија официјално ќе отворат преговори за слободна трговија“, рече австралискиот министер за трговија, Симон Бирмингем.

Претходно беше објавено дека конзервативната британска влада отвора преговори за слободна трговија со Нов Зеланд и бара да склучи слични договори ширум светот додека преговара за отцепување од Европската Унија.

Австралискиот министер рече дека, дури и во случај на договор, малку е веројатно дека обемот на трговијата меѓу двете земји ќе се врати на нивоа од 70-тите години, а тоа значи пред Британија да се приклучи на тогашната Европска економска заедница кога британските трговски врски биле концентрирани на нејзините поранешни колонии.

„Австралија ќе работи на постигнување на најдобар пристап до пазарите за својот извоз, особено во земјоделството, онлајн трговијата и во инвестициите“, рече Бирмингем.

извор: Makfax