Австралиската држава Викторија денеска потврди рекорден дневен раст на заразени, а соседната сојузна држава Нов Јужен Велс забранува пеење, танцување и дружење на свадби, како дел од мерките на властите за запирање на ширењето на нов бран од Ковид-19.

Властите во државата Викторија, во која главниот град има скоро пет милиони жители, објавија податоци за 423 лица заразени во самиот Мелбурн, а уште пет случаи во руралните области.

Порастот на заболени во Викторија, која е географски мала, но втора најнаселена држава во Австралија, ги зголеми стравувањата од втор бран на инфекција со коронавирус, поради што сите жители носат заштитни маски надвор од своите домови.

Соседните држави ги затворија внатрешните граници и ги обновија повиците за ограничување на социјалните контакти.

Нов Јужен Велс, инаку најнаселената држава во Австралија, објави за осум нови случаи на инфекција во последните 24 часа, од кои повеќето се случаи на пренос од Викторија.

Поради ситуацијата, Нов Јужен Велс воведува ограничувања, па така до 100 лица е дозволено да се собираат на погреби и во цркви, а 150 на свадби, но сите мора да седат.

„Нема танцување, пеење или блиска дружба“, рече премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Берејклиан во изјава за медиумите.

Пред само еден месец, Австралија се сметаше за глобален лидер во борбата против Ковид-19.

Новиот раст на болни ги урна надежите за брзо закрепнување на економијата.

извор: Makfax