Австралиец кој нудел сместување преку онлајн платформата Airbnb и кој во неговиот дом во Мелбурн убил гостин бидејќи немал доволно пари за да ги палти трошоците, е осуден на 11 години затвор, објави Би-би-си.

Џејсон Колтон (42) во судот изјави дека не извршил убиство со умисла туку убиство од небрежност, кога во октомври 2017 година го одзел животот на Рамис Јонузи.

Австралиецот објаснил дека двајца цимери го држеле 36-годишниот гостин додека тој го удирал и давел бидејќи не платил 210 австралиски долари (околу 130 eвра). Според зборовите на Колтон, тој не сакал да го убие или сериозно да му наштети на Јонузи, туку само да го онесвести.

Според информациите од австралиските медиуми, Рамис Јонузи бил ѕидар кој изнајмил соба по пристапна цена во Брајтон Ист со цел да разреши некои лични проблеми.

Првично, од Колтон и неговите цимери, тој изнајмил соба за три ноќи, но потоа побарал продолжување на престојот за една недела по цена од 210 австралиски долари. Меѓутоа, кога дошло време да плати пред заминувањето, тој на сметката имал помалку од 10 австралиски долари.

Судијката Елизабет Холингворт го опиша нападот како кукавички. Таа му рекла на Колтон дека направил брутален и едностран напад, а подоцна се обидел да го оправда и намали злосторството што го сторил.

„Дури и откако тој починал, сте го нарекувале Јонузи гад, ѓубре и наркоман. Сте изјавиле дека го добил тоа што му следува“, додала судијката.

Компанијата „Airbnb“ во соопштение порача дека е ужасната од она што се случило и дека веднаш го отстранила огласот за изнајмување на куќата од својата страница.

извор: Makfax