Комесарот на ЕУ за миграција, внатрешни прашања и државјанство, Дмитрис Аврамопулос предупреди дека популизмот, национализмот и иредентизмот се закануваат да го ребалканизираат регионот на Балканот, оживувајќи ги сите судири од минатото.

„Важно е да не се враќаме на темното минато и лидерите на тие земји да разберат дека е клучно размислувањето и делувањето во европски дух“ рече Аврамопулос во интервју за грчката новинска агенција АНА.

Комесарот на ЕУ укажа дека земјите како Грција можат да имаат клучна улога во градењето мостои кои Западниот Балкан ќе го приближат до европското семејство. Аврамопулос се осврна и на прашањето за примена на обврзувачките квоти за релокација на мигрантите и барателите на азил, при што рече дека механизмот за релокација е успешен, а дека правата и обврските на членките на ЕУ неможат да се бираат.

Тој исто така ги поздрави и напорите на германската канцеларка Ангела Меркел во бегалската криза, истакнувајќи дека Германија ѝ покажала на Европа и на целиот свет, што може да направи една земја заснована на хуманитарни и демократски вредности.

извор: Makfax