Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осуди однесувањето на синот на сопственикот на „1ТВ“, Бојан Јовановски кој вербално ѝ се закани на новинарката на агенцијата „Макфакс“, Мери Јордановска поради нејзините јавни критики за емисијата „Македонски инсајдер“ што се емитува на оваа телевизија.

„Секој вид на притисок или закана од страна на лице на менаџерски позиции или блиски до нив врз новинари, претставува загрозување и кршење на слободата на изразување и информирање. Ваквите појави негативно се одразуваат на слободата и независноста на медиумите, водат кон појава на автоцензура и придонесуваат за уназадување на демократскиот развој на општеството“, велат од АВМУ.

Од Агенцијата потсетуваат дека согласно Законот за медиумите, новинарот има право на изнесување на свое мислење и став, согласно со професионалните правила на новинарската професија. Од друга страна, Законот за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги им наложува на радиодифузерите при вршење на дејноста да ги почитуваат самостојноста, независноста и одговорноста на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика, додава АВМУ.

извор: Makfax