Авионска врска Торонто – Охрид
Директна авиолинија Торонто – Охрид ќе биде пуштена на почетокот на 2008 година. Ова е договорено на средбата на министерот за странски инвестиции Глигор Ташковиќ со претставници на авиокомпанијата “Скајсервис Ерлајнс”, за време на неговата посета на Канада.
Министерот Ташковиќ за време на престојот во изминатите денови посетил неколку компании од автомобилската, прехранбено – земјоделската и информатичко – технолошката индустрија.
Ташковиќ, како што информира неговиот Кабинет, ги презентирал можностите што ги нуди Македонија за странските инвеститори, посочувајќи ги како клучни намалувањето на даноците, воведувањето рамен данок, слободните економски зони и договорите за слободна трговија. Тој им порачал на македонските иселеници во Канада дека сега е вистинското време да се вратат и да инвестират во својата држава.
Ташковиќ вчера во Монтреал требаше да се сретне со претставници на најуспешните компании од овој град, а потоа заминува за Отава каде се очекува да оствари средби со министри од канадската Влада. Тој најверојатно ќе присуствува на бизнис-форумот што го организира Стопанската комора на Канада, а на кој ќе учествуваат највлијателните луѓе од бизнисот во оваа држава.