logo
logo
logo

Незнаење на најјако

ТЕШКО ПРИЗЕМЈУВАЊЕ НА МИЛА ЦАРОСКА од информатичарите

Vecer | 28.04.2021

ТЕШКО ПРИЗЕМЈУВАЊЕ НА МИЛА ЦАРОСКА од информатичарите

Фејсбук статус на компјутерџија, кој ги поставува вистинските прашања до министерството за образование Мила Цароска.

Всушност, ги предочува реалните проблеми кои ќе настанат и ќе пораснат како планина доколку тврдоглавата министерка Мила Царовска ја истера реформата за дигитализација на учебниците.

Статусот го пренесуваме интегрално.

Јас сум инженер по информатика со над 30 години работен стаж. Бев одличен студент, а сега сум високо ценет (и добро платен) стручњак во мојата компанија. Секогаш се залагам за унапредување на било која активност, процес… со примена на техника, посебно компјутери.

За жал, свесен сум колку одржување, трошок и напор треба за компјутерската опрема да функционира и колку е нагла промената која се планира. Се сомневам дека и училиштата и наставниците и децата и родителите се подготвени за неа. Успех на ваква крупна промена не е можен без СООДВЕТНИ ПРЕДУСЛОВИ.

На пример:

Дали на клупите има приклучок за струја за секое дете? (Наставничке празна ми е батеријата) Се сомневам дека и само ова сме способни да го реализираме до септември.

На 2-3 одделенија ќе треба барем по еден информатичар, техничко лице за поддршка. (Ја знаете пазарната цена на информатичарите во Македонија, нели? Знаете дека се меѓу најплатените професии, ако не и први. Барем оние кои останаа во државата.) Наставниот кадар е далеку од способен да врши ваква поддршка. (Наставничке ми се ресетира лаптопот. Наставничке ми го нема фајлот. Наставнику ми пишува ВИРУС. Наставничке Марко ми го турна лаптопот на подот и сега не ми се вклучува…)

Знаете дека компјутерскта опрема застарува за 3-4 години, нели? (Прашајте ги во книговодство колкава е цената на компјутерска опрема по 4-тата година. НУЛА ДЕНАРИ! ). Значи родители со две деца во училиште (ако се биде во најдобар ред, а нема), ќе трошат по 20-30,000 денари секои 2 години за нови лаптопи.

Покрај хардверот, знаете ли колку чинат лиценците за офис алатки, антивирусен софтвер и се друго што треба?

Знаете ли колкав % од учениците кои сега следат online настава пристапуваат од мобилен телефон со МАЛ ЕКРАН КОЈ НЕ Е УПОТРЕБЛИВ ЗА УЧЕЊЕ? Сигурно над 50%. Проверете!

– Дали знаете дека со ковид кризата и омасовувањето на online работењето од дома лаптопите се дефицитарни, цените се покачени, испораките доцнат? Јас знам бидејќи набавувам за стотици луѓе кои имаат потреба да работат од дома.

Дали знаете дека компјутер без пристап до Интернет не вреди? Посебно за едукативни цели? Нема ниту да почнам да поставувам прашања за подготвеноста на училиштата за МАСОВЕН ПРИСТАП КОН ИНТЕРНЕТ.

Знам само дека кај мене дома, со 3 деца истовремено на online настава и двајца родители со online пристап на работа, преку максимален оптички линк на телеком СЕ ГУШИМЕ, па двајца закачувам преку мобилен телефон за да функционираме (среќа имаме доволно претплата). Добро, тоа чини и нешто помалку од 100 евра месечно…

Тука ќе прекинам, затоа што има уште многу.

Од Вас и од Министерството не видов ниту една издржана, убедлива анализа дека сме подготвени за ваква промена.

Слушам и читам само “поетски” изјави за крупно чекорење кон светлата дигитална иднина, за доброто на нашите деца…

Оптимизмот и визионерството се убава работа, доколку се поддржани со реални можности за реализација. Скокањето од авион е прекрасна активност, но само доколку се има падобран на грбот, уште еден резервен падобран (за секој случај) и умешност да се отворат на време.

Инаку…

Поздрав!

Статус на Николчо Петров

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk