logo
logo
logo

Вечер Тема

Што е тоа ДОГОВОР ОД БЛЕД кој на Македонија и ги дава СИТЕ ПРАВА КОИ И ГИ СПОРИ БУГАРИЈА

Vecer | 08.02.2021

Што е тоа ДОГОВОР ОД БЛЕД кој на Македонија и ги дава СИТЕ ПРАВА КОИ И ГИ СПОРИ БУГАРИЈА

Сведоци сме на преговори помеѓу Македонија и Бугарија низ кои Македонија треба да прифати дека има заедничка историја со Бугарија, дека македонскиот јазик има бугарско потекло а, оттаму,  и дека македонската нација потекнува од бугарската.

А она што го знаме отсекогаш и денес, и светот го има признаено - не важи. Треба да се прифати бугарската теза дека македонската нација е измислена во 1944. година а, потоа, македонското и југословенското политичко раководство создавале хибридни аргументи за потврда на измислената македонска нација, процес во Бугарија наречен “македонизација на Бугарите“, или “македонизам“.

За потсетување, денешна Македонија, со нација Македонци и службен јазик македонски ја признаа близу 140 држави во светот, меѓу кои и најголемите држави како САД, Русија и Кина, кои патем се и постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации. Сега, македонската власт прифати да преговара со Бугарија за релативизирање на нешто што е ноторен факт, што има глобално признание и што е темелен белег на еден народ, нација и една држава.

Патем, Македонија треба да прифати дека Бугарија никогаш не била фашистички окупатор на Македонија, туку администратор. Факт кој е забележан во историјата на Европа, а не само во македонската историја. Но, ова е дополнително битно затоа што со прифаќање на новото барање од Бугарија, дека немало окупација, автоматски се прифаќа и фактот за бугарското потекло на денешните Македонци бидејќи “свој народ, и своја територија, не може да се окупира“.

Главен аргумент на Бугарија е дека Македонија била нивна со Санстефанскиот договор. За да биде појасно, тоа е билатерален договор помеѓу Русија (министер Никола Игнатиев) и Отоманска Турција (министер Сафет Паша), а не пошироко меѓународно признаен договор. Бугарија ја имала територијата на денешна Македонија, како подарок од Русија, само четири месеци, од 3. март до јуни 1878 година кога, на Берлинскиот Конгрес овој договор е укинат. Уште по прецизно, кога се потпишувал Санстефанскиот договор Бугарија не била држава, туку имала само автономија во рамките на Отоманското царство. Принцот на автономијата Бугарија морал да биде одобрен  и потврден од Отоманската власт.

За споредба, Црна Гора во тоа време добила целосна незвисност и своја држава. Таквата Санстефанска Бугарија со од Русија подарена Македонија е укината после само четири месеци, а на Берлинскиот конгрес било решено на Отоманското Царство да му се вратат во владение териториите на Македонија и Одринска Тракија од Санстефанска Бугарија кои им биле одземени со Санстефанскиот договор во полза на Бугарија. Територијата на Бугарија е околу трипати намалена од Санстефанскиот договор (било решено Бугарија да се простира на територијата која се наоѓа само северно од Стара Планина).

Иако темата за која денес се преговара е од врвно значење на јавноста и нацијата чија судбина и иднина е темелно доведена во прашање со овие преговори, не е јасно кој, кога и зошто прифатил да преговара со Бугарија за автономноста и корените на македонскиот јазик и нација?! Од чиста ситуација да се доведеме до наметнат компромис после кој стануваме релитивна нација, со релативно автономни национални белези и јазик.

Има ли таква можност сами себе да се поништиме од картата на народи, да ја избришеме сопствената историја и потекло, да не снема од списокот на нации? Има. А оваа територија која нема да има носечка нација и историја на нацијата, во иднина ќе биде предмет на војни помеѓу Албанија, Бугарија и Србија бидејќи штом Македонија не е матична држва на Македонците, секој од соседите ќе најде причина да ја смета за своја територија. Да бидеме како Палестина.

Самите преговори наметнуваат дека Македонија прифаќа тема за себедокажување, прифаќа да ја релативизира својата нација и национални обележја низ преговори. Согласно искуствата кои ги имаме од “принципите на ЕУ за споровите на Балканот“, на крај од Брисел ќе добиеме налог “да се најде компромис прифатлив за двете страни“. И, така, од сигурен меѓународно прифатен идентитет ќе станеме релативен идентитет и нација.

Дека работите одат во тој смер докажува и изборот на “специјални преговарачи со Бугарија“ во ликот на Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски кои, уште на стартот на својот ангажман во преговорите, изјавија дека има основ бугарското тврдење кое вели дека Македонија нема нација, свој јазик и национални обележја се до АВНОЈ и АСНОМ во 1944 година. Со други зборови, дека Тито и Југославија ги измислиле Македонците. Ако го прифатиме ова, се дуго како домино ефект паѓа само од себе.

Ако е тоа почетниот став на нашите “специјални преговарачи“ кои треба да ги бранат македонските позиции, каков ли ќе биде крајниот резултат на преговорите и “компромисот“.

И Бугарија, но исто така и премиерот Заев, како и “специјалните преговарачи“ Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски ја посочуваат Бугарија дека е тоа првата држава која ја признала независна Македонија. Овој факт е ноторно - неточен! Бугарија ја призна македонската држава но, никогаш не го призна македонскиот јазик и нација во таа држава, што се потврдува и денес! Практично, призна држава без нација, без национален јазик. Призна само територија.

На Бугарија и беше важно излегувањето на Македонија од Југославија за да може потоа, што се докажува деновиве, со помалата и внатре раскарана Македонија полесно да го наметне својот план за бугаризација. Овој план е подготвуван долго, барем две децении, и сега се создадени услови за реализација кога Бугарија е единствена пречка Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ.

Се бара промена на историјата во однос на Бугарија во македонските учебници. Нешто кое ниту една држава во Европа не го наметнала на друга држава. Историјата веќе ни ја менуваат, пред наши очи, и не се гледа дека експертите и науката дава отпор на тоа. Отворете Википедија, најчест извор на факти кој го користат луѓето, секако и во Македонија, и се ќе ви стане јасно.

Заев рече дека Бугарската војска учествувала во ослободување на Куманово и Скопје од фашистите. Тоа истото може да се каже и за италијанската војска но, дури во последните месеци од војната, по капитулацијата на фашистите во Бугарија и Италија. Дали тоа значи дека Србија и Хрватска се руски држави затоа што Црвената Армија на СССР учествувала, и тоа легално а не како конвертиран остаток од поразена капитулирана фашистичка војска, заедно со партизаните во нивното ослободување? Дали денешна Германија, ослободена од фашизмот од САД, Британија, Франција и СССР, е самостојна или нивна?

Патем, генерал Михајло Апостолски не дозволи влез на Бугари во ослободувањето на Скопје. А фашистите се германската, бугарската но, и италијанската војска која оперирала во западна Македонија каде имало Албанци.

Просечен човек ќе отвори Википедија и на македонски јазик ќе побара информации за ова. Информација, на македонски јазик во Википедиа - нема! За завршните борби за ослободување на Македонија македонската редакција на Википедиа има напишано само 11 редови текст! На српски и бугарски јазик, на истата тема - завршни борби за ослободување на Македонија, имате што да прочитате во долги и детални статии.

Кој ја уредува, администрира, Википедија на македонски јазик? Кој од нив се труди Македонците да немаат релевантни информации, да ги држи во прашалници и заблуди? Википедија на макеоднски имала време да пишува тон политички дисквалификации за противниците на СДСМ, но нема време и мотив за темелите на нацијата и државата.

Во Википедија на македонски јазик нема ништо да најдете и за историски важниот Договор од Блед, или бледска спогодба од 1947-та година, со која државата Бугарија званично, официјално и меѓународно потврдено, признава македонска држава, македонски јазик и постоење Македонци во Пиринска Македонија како мнозинство во тој дел од денешна Бугарија. Меѓународен договор со кој им се гарантира автономија, културна и етничка, на Македонците во Пиринска Македонија.

Овој клучен договор за побивање на сите денешни тези на Бугарија не го спомнуваат ни премиерот Заев, ниту “специјалните преговарачи“ Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски. Договорот од Блед, во Википедија на македонски јазик, се спомнува само во еден ред, во текстот под наслов Титоизам... тема во која се опишува диктатурата на Тито, а во склоп на таа диктатура и Договорот од Блед за бугарското признавање на Македонија, Македонците, македонскиот јазик и македонската етничка автономија во пиринска Македонија, денешна Бугарија!

Која ја пишува и администрира Википедија на македонски јазик? Софија или луѓе од Македонија? Кој од официјалните македонски институти за историски факти, архиви... реагирал на ова.

Кога веќе нема ништо на македонски јазик во Википедија за Договорот од Блед, клучниот одговор на бугарските ултиматуми денес, можете да прочитате нешто малку во бугарското издание на https://bg.wikipedia.org или во српкото издание на Википедиа на https://sr.wikipedia.org

Ние немаме јавно афирмирани податоци за толку важниот Договор од Блед, некој ги крие за дневно политички цели, но за светот тие се битни и светот ги чува. Нашиот читател Атанас Стојановски ни достави “извадоци од надворешната политика на ФНРЈ, а посебно внимание на текстовите објавени на страни 10-11, Резолуција на Пленумот на Централниот комитет на Бугарската работничка партија (Комунисти) за Македонското прашање. Софија 9 Август 1946 година.

Страни 32-33. Протоколот за решенијата на конференциската делегација на Владите на ФНРЈ и НР Бугарија. 1 август 1947 година.  И страни 36-38 на Српско-Хрватски јазик Ugovor o prijatelstvu, saradnji i uzajmnoj pomoci izmedu FNRJ i NR Bugarske (Службен лист на ФНРЈ ден 14 Јуни 1948 година). Спогодбата за пријателство, соработка и меѓусебна помош меѓу ФНРЈ и НР Бугарија од 27.11.1947 година во Варна (Евксиноград) НР Бугарија објавена на англиски јазик од Националната библиотека на Австралија, Тековни белешки на меѓународните односи, Том 19 бр. 2 (Феврури 1948) Оддел за надворешни односи, Камбера страни 86-88. (National Library of Australia, Current Notes on International Affairs Vol. 19, no. 2 (February 1948) Department of external affairs, Canberra, pages 86-88) и негов стручен превод на спогодбата од англиски јазик на македонски јазик.

Тезата на Софија дека договорите од комунизмот не треба да се почитуваат е подбивање, изигрување на историјата и меѓународното право. По таа логика Крим, даден во 1954-та година по лична одлука на Хрушчов на Украина, е неспорно руска територија. Комунистите од СССР се потписници на иљадници договори за меѓународни статуси на нации и држави кои и ден денес се во сила, и неспорни се. Само Договорот од Блед е спорен за Бугарија, а небитен за Македонија.

И создавањето на Израел е исто така меѓународен договор кој, помеѓу останатото, има и комунитички потпис. И денешно Косово е творба на Тито и комунистите кои во 1974 година на Косово му дадоа статус на српска покраина со право на самоопределување до отцепување. Косово никогаш не било држава, нити постоела косовска нација и јазик. Нашиот преговарач Бујар Османи го знае ова, но сепак цени дека нема потреба да го употреби фактот против бугарските тези за Макеоднците како измислена титова нација која треба да се поништи.

Или, големата слика дава други перспективи: Во Косово, признаено како држава и од САД и од ЕУ, нема Косовари туку Албанци, што и дава право на Албанија во секое време да побара обединување на ист народ поделен со граници. Истото право, со бришење на македонскиот нација и јазик и прифаќање бугарски корени на јазикот и нацијата може да и припадне и на Бугарија во однос на Македонија. Не цела, до западна Македонија каде Албанците се мнозинство. Како што била поделена за време на окупацијата 1941-1944. Големата слика ги открива и интересите на сите заинтресирани страни во соседството од овој преговарачки процес.

И да ја затвориме темата со почетната најава. Што кажува договорот од Блед кој е одговор на сите денешни спорови кои ги отвара Бугарија кон Македонија.

1. Договорот помеѓу НР Бугарија и ФНР Југославија е потпишан во Блед (Словенија) на 1 август 1947 година. Според уставот на ФНР Југославија, ФН Репубика Македонија во надворешната политика е застапувана од сојузната, федерална власт, па договорот кој е потпишан е право и задолжение и за Македонија.

2. Со договорот Бугарија признава дека била окупатор и се задолжува да плати тогашни 25 милиони долари воена оштета. Тито прифаќа да и прости на Бугарија 25 милиони долари за воена отштета кон Југославија, како добра воља за правата на Македонците во Бугарија.

3. Признание од Бугарија за постоење Македонци, македонски јазик, етничка и културна автономија на Македонците во Бугарија (Пиринска Македонија). Обврска за обезбедено учење македонски јазик во школите, македонски театар... На Македонцте им се дава право на автономија и проклучување кон матичниот народ, кон Република Македонија, што го потврдува и бугарското издание на Википедија. Македонското нема ни збор за сето ова.

4. Признавање на Федеративна Народна Република Македонија, со службен јазик македонски, во состав на федерацијата Југославија. Исто право какво имале и тогашна, и денешна Србија, Словенија, Хрватска...

5. ФНР Југославија е една од 50-те држави кои се основачи на Организацијата на обединетите нации во 1945 година. Република Македонија, преку Федеративна Југославија која ја претставува во надворешната политика, е оттаму коосновач на Обединетите нации. Со македонски народ, и македонски јазик. Договорот од Блед, со бугарскиот државен потпис и печат на тие факти, го потврдува тоа во 1947 година.

6. Под притисок на СССР и Сталин, кој во 1948. со Информбирото има спор со Тито, Бугарија на 1. Октомври 1949-та година еднострано ја раскинува спогодбата, Договорот од Блед. Но, иако го раскинува договорот го признава само оној дел во кој Југославија и простува 25 милиони долари кои треба да ги плати како воена репарација од окупацијата на Македонија.

Па, кому комунистите и Сталин помогнале? На Македоните или на Бугарија која, по нивно барање и поддршка од Москва го раскнува еднострано Договорот од Блед и ги поништува правата на Македоните во Бугрија? Зошто и со Санстефанскиот договор, и во 1948. година, Русија и помага на Бугарија против Македонија?

Најпосле, зошто и околу што преговараат денес Македонија и Бугарија кога се е договорено во Блед, во 1947-година. Усогласено со правата на Обединетите нации кои, помеѓу останатото, во член 52 на повелбата признаваат такви регионални договори за спорни политички и државни прашања.

Кога ќе се видат фактите, денес Македонија и Бугарија се обидуваат да ги спроведат директивите на Сталин од 1948-година “низ компромис прифатлив за двете страни“. Македонија тогаш не прифати преговори за релативизирање на сопствената нација, историја и постоење неоспорена од никого. Денес - седна на маса самата себе да се пресипита постои ли, или не.

Vecer.mk

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk