Рускиот претседател Владимир Путин во денешното телевизиско обраќање изјави дека наредил делумна мобилизација во земјата која стартува денеска. „Ќе ги искористиме сите ресурси за да го одбраниме нашиот народ. Западот ги премина сите граници на неговата агресија врз Русија“, рече Путин, наведувајќи дека неговата цел е да го „ослободи“ источно украинскиот регион Донбас и оти повеќето луѓе во тој регион не сакаат да се вратат на она што го нарече „јарем“ на Украина.

„Ние немаме право да се откажеме од овие луѓе“, рече Путин, наведувајќи дека и наредил на владата да им даде правен статус на волонтерите кои се борат во Донбас и да најде средства за да го зголеми производството на оружје. Рускиот претседател го обвини Западот дека учествува во нуклеарна уцена против Русија.

„Нашата цел е ослободување на Донбас. Западот покажа дека не сака мир помеѓу Украина и Русија“, изјави Путин.

Тој додаде дека ќе им даде легален статус на сите доброволци кои се борат во Донбас.

„Неопходно е да се преземат итни мерки за заштита на нашиот народ на ослободените територии. Затоа побарав од министерството за одбрана да прогласи делумна мобилизација. Одлуката се однесува само на граѓаните кои се воени резервисти, на оние кои служеле во армијата. Указот е веќе потпишан и мобилизацијата почнува денеска. Сите граѓани кои ќе бидат мобилизирани ќе добијат полн статус на вооружените сили. Ова не е блеф. Територијалниот интегритет, независноста и слободата на нашата татковина ќе бидат осигурани со сите средства со кои што располагаме“, кажа Путин.

Тој истовремено ги поддржа најавените референдуми за анексија во окупираните украински региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, од кои некои треба да почнат уште в петок.

„Луѓето кои живеат во тие области не сакаат да бидат угнетувани од неонацистите“, порача рускиот лидер.

Најавите за референдуми уследија по неколкумесечниот застој во руската инвазија, додека украинската војска за краток период почна две противофанзиви и го ослободи целиот североисточен регион Харкив и навлезе на територијата на окупираниот Луганск.

Обраќањето на Путин, беше најавено за синоќа, но беше одложено за денеска.