logo
logo
logo

Македонците живеат 10 ГОДИНИ ПОКРАТКО ОД ЛУЃЕТО ВО СЕВЕРНА КОРЕА

Vecer | 21.03.2023

Македонците живеат 10 ГОДИНИ ПОКРАТКО ОД ЛУЃЕТО ВО СЕВЕРНА КОРЕА

Податоците на Обединетите нации покажаа дека Македонците во просек живеат по 75 години, додека најкраток век имаат жителите на Чад, со просек од 53,68 години, а најдолго живеат луѓето од Монако со просек од 87,01 години. Наведено е дека генетиката, полот и начинот на живот влијаат на животниот век. Потоа како фактори се земаат предвид и хигиена, исхрана, култура, избор на професија, пороци, вежбање, пристап до квалитетна здравствена заштита, па дури и криминалните стапки.

Македонските граѓани во просек живеат по дваесет години повеќе од жителите на африканските држави, но сепак по должината на векот се далеку од луѓето во развиените западни земји.

Лидија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари вели дека народот мора да внимава на своето здравје, да се откаже од пороци, но и многу работи во општеството да се сменат. Смета дека не е здраво децата да бидат постојано на социјалните мрежи или да следат содржини кои промовираат насилство, а сето тоа резултира со стрес, депресија, создавање на гнев. За најмладите треба повеќе едукативни содржини, настава во природа, физичка активност. Чолакова Дервишова советува граѓаните во слободното време да спортуваат.

„За возрасните, сите кои имаат услови и можат да си дозволат, добро е да заминат надвор од урбаната средина, да излезат на воздух, да работат затоа што работата го одржува човекот, да произведуваат храна за која ќе знаат колку е прскана. Едноставно, градовите секаде во светот се гушат, така што наместо бетонизација, добро е луѓето да изберат да бидат на чист воздух, подалеку од урбаната врева“, рече Чолакова Дервишова.

Нутриционостот Фани Гулевска објаснува дека консумирањето на здрава храна може да придонесе за подолг животен век.

„Генетиката е тоа што го носиме во себе кога ќе се родиме, но понатаму на нас останува со какво темпо ќе го живееме животот, како ќе се храниме. Научно е докажано дека здравата храна води кон подолг живот. Но, мораме и да спортуваме, да не бидеме статични, да имаме позитивна мисла, затоа што стресот е фактор за развивање на многу болести. Но, дури и кога се работи за стрес, здравиот организам полесно ќе се избори со тие стресни ситуации“, вели Гулевска.

Психологот и психотерапевт Радмила Манчевска објаснува дека стресот е многу опасен и директно влијае на должината на животниот век.

„Стресот влијае на имунитетот, ги исцрпува капацитетите на организмот, го ослабнува и ги поттикува генетските предиспозиции за развивање на одредени болести. Преживеаните стресни ситуации водат кон појава на различни болести“, рече психологот Манчевска.

Регионално истражување на тинк-тенк организацијата „Аналитика“ и Универзитетот во Чикаго, пред некоја година покажа дека Македонија е лидер по бројот на пушачи во регионот и во Европа. Дури 48,4 проценти од населението посегнува по цигара, со што државата успеа да се искачи високо иа светската топ 10- листа на земји најголеми зависници од тутун. Македонците во просек пушат по 20 цигари на ден, а најбројни меѓу пушачите се мажите.

Во Хонг Конг просекот е 85,83 години, Макао (85,51), Јапонија (84,95), Лихтенштајн (84,77), Швајцарија (84,38), Сингапур (84,27), Италија (84,2), Ватикан (84,16), Северна Кореја (84,14 години).

Кус просечен животен век имаат жителите на Нигерија (53,87 години), Лесото (54,91), Централноафриканската Република (55,48), Јужен Судан (56,51), Сомалија (57,35), Есватини (57,71), Намибија (59,93), Гвинеја (59,55), Мали (69,03 години).

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk