logo
logo
logo

Вечер Анализа

Катиљ ферман. Кој напиша “нон пејпер“ за војна на Балканот?!

Vecer | 18.04.2021

Катиљ ферман. Кој напиша “нон пејпер“ за војна на Балканот?!

Постои или не постои “нон пејперот“ за прекројување на граници на Балканот? Дали е тој напишан од словенечкиот премиер Јанез Јанша, од словенечкиот претседател Борут Пахор, од унгарскиот премиер Виктор Орбан, од храватскиот премиер  Андреј Пленковиќ... или, сепак, авторот е некој друг. Ако таков “документ“ воопшто постои.

Според досега познатите јавни изјави потврда за постоењето на овој “документ“ даде само албанскиот премиер Еди Рама кој изјави дека пред неколку месеци му го покажал словенечкиот премер Јанез Јанша.

Има и други “нон пејпери“ на истата тема. Хрватскиот министер за надворешни работи Горан Радман кон крајот на март во Брисел претстави документ, поддржан од Словенија, Унгарија, Бугарија, Грција и Кипар за поддршка на босанскиот пат во ЕУ но, со промени во изборниот закон кои, практично, даваат автономија на хрватската заедница во Босна и Херцеговина.

Членот на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, тврди дека Хрватска и Србија работат на поделба на Босна и дека на 5 март, при посетата на словенечкиот претседател Борут Пахор на Сараево, пред тројцата членови на претседателството на БиХ рекол дека “ во Европа има се повеќе гласови кои се залагаат за довршување на југословенските војни... “. Пахор, наводно, ги прашал “дали е можна мирна дисолуција на Босна и Херцеговина...“

Српскиот претседател Александар Вучиќ и хрватскиот премиер Пленковиќ кажаа дека “нон пејперот“ не го виделе, освен она што е објавено на интернет порталите. Никој од официјалните државници во ЕУ не потврди дека таков документ е виден од нив, ниту пак дека знаат за неговиот автор.

Но, сите наведени даваа свои коментари за “документот кој не го виделе, и не знаат ни дали навистина постои“.

За читателите кои не се опседнати со политика, накусо, да дефинираме дека “нон пејпер“ во дипломатијата значи идеја ставена на хартија, без автор, која циркулира како неофицијална информација за да поттикне размислување на определена тема, и никого не обврзува на ништо.

Во кое и какво време се појавува овој “нон пејпер“.

Веќе 5-6 години е јасно дека нема проширување на Европската унија на Балканот, барем наредните десетина години. Се додека не се создаде нова архитектура, нов модел на Европската унија, како организација на три нивоа со три степени на различни права и обврски.

Во првото ниво би биле најпривилегираните, и економски најсилните европски држави како Германија, Франција, Италија, Белгија, Холандија, Луксембург, Шпанија, Португалија, Австрија, Шведска, Финска, Ирска ... вкупно 12 држави.

Во второто ниво би се нашле економски стабилните држави кои се сега членки на ЕУ а потекнуваат од некогашниот советски Варшавски пакт.

Стабилни и со европска култура, но недоволно економски и политички силни за да седат на истата маса со првата класа и да одлучуваат равноправно со големите. Проблемите со блокади на германските и француски планови кои имаат отпор или вето од Унгарија, Полска или Словачка не се прифатливи за првата лига на ЕУ. Во оваа, втора група, би се нашле: Чешка, Полска, Словачка, Унгарија, Летонија, Литванија, Естонија и, евентуално, Грција со Кипар и Словенија.

Во третата лига на Европската унија би биле државите од “остатокот на Европа“, од Балканот. Тука, од сегашните членки на ЕУ, гарантирано место имаат Хрватска, Романија и Бугарија, евентуално и Грција со Кипар. 

Кон оваа група би се приклучиле Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Косово. Според најави тоа е можност и за влез на Турција која има преговори за влез во ЕУ уште од далечната 2005-та година.

Ова не е теорија. Францускиот претседател Емануел Макрон во 2018-та година објави свое гледање на иднината на Европа после кое следеше и замрзнување на македонските аспирации за влез во ЕУ иако Македонија го смени уставното име по блокадите од Грција. Ќе се чека “решавање на нови односи и организација внатре во ЕУ пред евентуалното проширување“ беше став на Франција поддржан и од Германија.

Имено, Макрон објави дека “за 10-15 години Европската унија треба да се организира согласно потребите и можностите како заедница во три круга... во која би имало место и за Турција доколку ги усвои европските вредности и демократски стандарди“.

Европа е во политичка криза и криза на идентитет повеќе од десетина години наназад, уште од времето на финансиската криза во 2007/2008-та која покажа дека ЕУ нема решенија за проблемите кога тие ќе се појават. Тоа го потврдуваат и настаните со епидемијата од 2020-та. Тоа го потврдуваат и анализите на водечките американски и европски авторитети во политичките движења.

Несигурноста на иднината во Европската унија се смета и за главна причина зошто Велика Британија излезе од ЕУ зајакнувајќи ја својата стабилност преку се посилна поврзаност со САД.

Накусо, појавата за реорганизација на Балканот, поделбата и нови граници по етнички принцип, е само логичен след на новата организација во Европа и решавање на потенцијалните проблеми во иднина за Новата ЕУ со три нивоа.

Никој не е подготвен да прими во првата, па и втора лига, на новата европска заедница мали балкански држави со силни етнички и верски проблеми. Тие треба да се решат пред малите балкански држави да влезат во ЕУ, па макар и како дел од третата европска (балканска) лига. Ниту прв, ниту последен пат е Европа да има вакви планови за Балканот.

Затоа, малку е веројатно дека “нон пејперот“ потекнува од словенечкиот премеир Јанез Јанша. И тој, и неговата држава, се премногу мали за поттикнување и реализација на вака големи планови. А, патем, немаат ни интерес да се мешаат во “балканскиот казан“ од кој едвај излегоа.

Ќе се решава со мала или со голема војна?

Зошто некој голем авторитет во ЕУ решил “нон пејперот“ да му го припише и фрли во рацете токму на Јанез Јанша, словенечкиот премиер, а попатно да го спомнува и унгарскиот премеир Виктор Орбан?

Не се само најавите од САД, по промената на власта во Вашингтон, дека постојат пречки за развој на демократијата во самата Евроспка унија, притоа насочувајќи ја целта кон унгарскиот премеир Виктор Орбан, но освен кон Унгарија и кон Автстрија и Полска.

Германија, на својот пат до неприкосновен европоски лидер, исто така има силни мотиви и причини за промена на власта во Унгарија (Орбан), Австрија (Курц), Полска (Моравецки) и Словенија (Јанша) како и оневозможување на популарниот Матео Салвини од Северната Лига да дојде на власт во Италија. Сите наведени без поддржувачи на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. По смена на власта во Вашингтон соработниците на Трамп се на отстрел.

Наведените имаат силно нагласени суверенистички лидери кои ставаат предност на сувереноста на своите народи и држави пред интересите на ЕУ, и пред лидерството на Германија и Меркел во Европската унија. Меѓу нив има тензии со години.

Помеѓу останатото, токму лидерите од наведените држави во ова време иницираат напуштање на ЕПП, европската асоцијација на десно ориентираните партии, која е под силно влијание и лидиерство на ЦДУ на Ангела Меркел и основаат нова десничарска партиска асоцијација при Европскиот парламент.

Тоа го подрива авторитетот и плановите на Германија. Се заредија пишувања за скандали врзани со имињата на Јанез Јанша (Словенија) Себастијан Курц (Австрија) Виктор Орбан (Унгарија), а за Матео Салвини (Италија) се најавува и истрага. Тие се лошите момци по европските портали под влиајние на Германија и американската левица.

На Виктор Орбан му се најавува и организација на силни демонстрации наесен, непосредно пред унгарските избори, и надворешно симнување од власта на која, како премиер, континуирано се наоѓа од 2010-та година.

Европа ќе се прекројува, реорганизира, и тоа е сосема сигурно. Но, планови за прекројување и реорганизација има повеќе, не се само тие од Германија и Франција за кои прв зборуваше францускиот претседател Макрон. Свои планови има и САД. Прашање е кој и чиј модел ќе надвалдее кога е веќе отворена пандорината кутија.

Упорноста на Германија да го доврши гасоводот Северн тек 2 и покрај силните, па дури и заканувачки, обиди на САД да го спречи проектот се последен знак дека САД и Германија имаат разчлични планови за европската иднина.

Тука ќе има многу проблеми и наметнувања едни на други. Како што дефинираше Кисинџер - Германија е премногу голема и моќна за да и се подреди на Европа, а премногу мала за владеење со светот. Освен за гасоводот Северен тек 2, првите големи тензии меѓу Германија и ЕУ од една, и САД од друга страна ќе ги видиме околу евентуалната војна во и околу Украина која е во најава.

САД имаат силен интерес Украина да биде дел од НАТО, како придружна или уште подобро како полноправна членка на Алијансата преку која би се залепиле на границите на Русија. Тоа значи војна помеѓу Украина и Русија преку автономната област Донбас која не е под контрола на Киев. Таа војна Русија би ја завршила само доколку Укрина ги загуби Мариупол и Одеса, односно загуби излез на Црното море.

Дали таа војна би завршила само на ова. Тешко. Полска и Русија имаат тензично, трауматично минато и анимозитет равен, ако но и поголем од оној кој го познаваме како тензии помеѓу Србите и Албанците. Патем, Полска е најлојален воен сојузник на САД и НАТО во тој дел од Европа.

А Европа, особено Германија и Франција, немаат интерес на НАТО војна со Русија што би довело до поделби во Европската унија, силни економски и социјални удари, и губење на европското влијание во регионот и светот. Отпорот за оваа голема војна значително ќе падне кога Ангела Меркел, на есен, ќе ја напушти канцеларската функција, а со тоа Евроипската унија ќе остане без својот авторитет и лидер.

Оваа голема војна, доколку би се случила, би имала свои последици и на Балканот.

Босна и Херцеговина и Србија не се членки на НАТО. Од аспекат на Алијансата тоа мора да се смени и реши колку е можно побргу. Планот да се урне Вучиќ на сила и со демонстрации српскиот претседател го пресече на време.

Доколку се овозможи спојување на Србија и Република Српска, српскиот отпор кон НАТО би се намалил до исчезнување. Да, тоа значи трајно губење на Косово (без Митровица) но, во таков случај, српската јавност мнозински би ја прифатила трампата бидејќи на Косово Белград нема власт веќе 22 години, а на Косово останаа да живеат во енклави само околу 70.000 Срби. НАТО би дошле во Белград како Дедо мраз.

Тоа подразбира и спојување на Албанија и остатокот од Косово (без Митровица) што би предизвикало проблем во Приштина која сега има власт под германско влијание но, со мала контролирана војна помеѓу Косово и Србија во која САД и НАТО би стоеле на страна, Приштина за кратко време би била приморана да го прифати планот.

Како и да е, Балканот е планиран за редизајн, со мала или голема војна, или двете - тоа не зависи од Балканците. Дали во сево ова некоја битна улога има Јанез Јанша, и некаков негов “нон пејпер“? Ни случајно. Јанша е само избран за магнет на лошите реакции, спинуван е, како дел од серијата удари врз него од лидерите на ЕУ и ЕПП.

А Македонија? Останува на свое, во политичкиот и коруптивен хаос во истите граници. Во првата објавена верзија на картите за поделба на Балканот од “нон пејперот“ има поделба на Македонија но, потоа, словенечките портали кои тоа го објавија се демнатираа, и на новите мапи Македонија, територијално, е таа што е.

Бугарија се обидува, со блокада на преговори со ЕУ, да си даде значење на заинтересиран фактор во гужвата и да отвори прашање кој е газда во Македонија, како и да ги наметне своите интереси со ставање под своја контрола на нејзин дел од Македонија но, нема поддршка од никого наоколу за тоа.

Србија и Грција се против ширење на Бугарија веќе 150 години. Албанија, Косово и локалните македонски Албанци не сакаат поделба на Македонија бидејќи, уставно и фактички, веќе ја владеат цела. Зошто би ја делеле со Бугарија? Турција, силна и моќна на Балканот, е против бугарско влијание и против делење на Македонија со припојување на западниот дел кон Албанија бидеќи Ердоган себе се гледа за лидер на исламот и на Балканот, и не трпи конкуренција од Тирана.

А дали некој не прашув нас? Не. Дражава со овој степен на корупција, покровител на нарко пазарот и дилерите, со ваква контрола на судство и медиуми, која менува устав и име за потребите на една партија да се стекне и остане на власт служи за потсмев во регонот и Европа.

Таква држава нема капитал и доверба да биде прашана за било каква политика, а особено не за геостратешка.

(Vecer.mk)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk