logo
logo
logo

Звонимир Јанкуловски: Говорот на омраза како општествено замолчување

Vecer | 10.03.2023

Звонимир Јанкуловски: Говорот на омраза како општествено замолчување

И покрај сета толеранција и „просветлување“ што ги донесе македонското модерното општество, ние го губиме фундаменталното право како граѓани на слободна земја: правото да го изразиме своето мислење во јавноста без страв дека ќе бидеме засрамени, избегнувани, навредувани, сатанизирани или казнувани. Ова општествено замолчување, ова деплурализирање на Македонија е евидентно со години, но справувањето со него просто е невозможно во општество на изгубени вредности, вели проф. Звонимир Јанкуловски во својата колумна за Нова Македонија.

Велат дека во дваесет и првиот век прашањето за говорот на омраза ја киднапираше целата дебата за слободата на говорот. Кај нас немаше што да биде киднапирано зашто никогаш не отворивме ваква расправа, поточно никогаш не излеговме од менталната матрица на комунизмот каде што слободата на говорот претставуваше потенцијална опасност за државната идеологија, монолитноста на партијата и здравиот социјалистички развој на општеството. Затоа Македонија никогаш не се почувствува загрозено од недостигот од слобода на говор и ризикот од манипулации со медиумите и информациите. Власта на секој начин се обидува да контролира кои идеи можат да циркулираат во јавниот дискурс и од кога било порано денес е расположена да го забрани слободното ширење на идеи што може да ги смета за шокантни и вознемирувачки, а особено опасно критички. И не само да го забрани туку и да го казнува. Пенализацијата на говорот на омраза стана изговор за ограничување на слободата на изразување и можност да се задуши критиката и да избегне власта да биде повикани на одговорност.

Она што е интересно за неодамнешното појавување на говорот на омраза како нов непријател е тоа што овој пат забраната на јавната контрадикторност на одредени темелни идеи зад политичкиот систем се чини дека е оправдана со вредности поврзани со човековите права и достоинство. Законски, поимот произлезе од препораката на Советот на Европа од 30 октомври 1997 година. Таа утврдува дека државите мора да дејствуваат против „сите форми на изразување што шират, поттикнуваат или промовираат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза врз основа на нетолеранција“.

Самата формулација на оваа препорака нагласува колку е контроверзна работата: нашиот прв обид да се справиме со омразата веќе прифаќа дека тоа мора да се постигне со попречување на артикулацијата на одредени изрази. Нашата потреба да го спречиме ширењето на расна омраза и нетолеранција доведе, незапирливо, до намалување на нашата слобода на изразување. Бидејќи нетолеранцијата е субјективен концепт (некогаш ја гледаме само во мислења спротивни на нашите), оваа општа клаузула им дозволува на властите да ја следат секоја идеја што ја сметаат за радикална.

Центарот на гравитација на говорот на омраза престанува да биде човечко достоинство и почнува да инкорпорира дифузна идеја за толеранција во која секоја форма на екстремен говор е неприфатлива. Веќе не станува збор за борба против дискриминацијата, туку за наводно право радикално да не се соочуваат сопствените идеи. Оваа формула го претвори нашиот систем во совршена лабораторија за субјективна оцена на ризиците поврзани со идејата за говор на омраза. Одлуката за тоа дали идејата искажана во јавноста е способна да создаде омраза на доволно значаен начин за да заслужи кривичен прогон и казна може да се донесе само врз основа на идеолошките вредности на судијата што ја прави таа оцена. И тоа е она што застрашува во македонското општество. Тоа е она што ја убива слободата на говорот во Македонија – судии без алатка за оценување говор на омраза, освен самата идеологија од која тешко може да се одвои. Ние успеавме да ја идентификуваме омразата преку идеолошките позиции на судовите што го користат говорот на омраза како изговор за да го казнат практикувањето идеологии што се разликуваат од оние што ги брани јавната власт, наместо да ја спречат дискриминацијата на ранливите групи. Меѓутоа, досега, поимот говор на омраза триумфира во јавното мислење и законодавството до тој степен што обидот за негово радикално отстранување, во најмала рака, би бил недостижен предизвик. Можеби на друго место и би можело да се размислува и пишува за ова. Кај нас тоа е ерес. И ќе остане така и без оглед што ќе укажам на фактот дека Европскиот суд за човекови права свесен за опасностите што ги носи тенденцијата на многу европски држави да го квалификуваат како „говор на омраза“ кој било идеолошки израз спротивен на мнозинското мислење и вредности се обидува да го пренасочи концептот развивајќи сè порестриктивна судска практика на можните ограничувања на слободата на изразување.

Да, верувам дека зборовите се важни. Не можеме да го заштитиме слободниот говор со негирање на неговата моќ. Да, има моќ во зборовите со омраза. Но реално многу лесно говорот на омраза може да се редефинира како говор што ја загрозува државата. Европскиот систем што се претвори во фетиш на нашите вљубеници во тоталитаризмот, продолжува да ја плаќа контрадикторната цена на својот првичен грев. Оној на нацизмот и негирањето на холокаустот, кои остануваат како забранети идеи што секогаш оставаат пукнатина низ која може да падне дисидентската репресија. Сè додека нашите судови и правни текстови одбиваат да прифатат дека идејата сама по себе никогаш не може да предизвика штета ниту, според тоа, да биде забранета, секогаш ќе има простор за јавните овластувања да ги замолчат несаканите мислења. Општество што ја цени слободата на говорот може да има корист од целосната различност на своите луѓе и нивните идеи. На индивидуално ниво, човечките суштества не можат да процветаат без самодоверба да преземаат ризици, да следат идеи и да изразуваат мисли што другите би можеле да ги отфрлат. Кому да му го објасниш ова денес? Особено да им објасниш на оние што повикуваат и се ситат на казнување на слободниот говор дека кога говорот е задушен или кога неистомислениците се исклучени од јавниот дискурс, општеството ја губи својата способност да решава конфликти и се соочува со ризик од политичко насилство

професор Звонимир Јанкуловски

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk