logo
logo
logo

Вечер Анализа

ЕКСПЕРТСКА ВЛАДА, излез од живата кал на македонската корупција

Vecer | 23.02.2021

ЕКСПЕРТСКА ВЛАДА, излез од живата кал на македонската корупција

Репринт од 23.02.2021

Минуваме трета година селејќи се од еден во друг скандал, од една во друга корупција, од еден во друг доказ за контролирано судство, медиуми, намесетени тендери, нови заеми и кредити и без инвестиции. Платите и пензиите не растат, а единствено што расте е корупцијата и скандалите.

Во Македонија се виновни сите кои медиумите и невалдините организации на власта ќе ги посочат со прст, а невини се сите кои носат државни одлуки и имаат лична заработка од државните пари. Јавноста е целосно дезориентирана помеѓу сопствената логика и она што секој го гледа, контра пропагандата на власта следена од обвинителствата, судовите и институциите за репресија како УЈП.

Три години по ред, според меѓународните институции од кои Транспаренси интернешнел е само една од нив, расте степенот на корупција и се намалува довербата во судството, владата и државните институции. Опозицијата насилно се урива и дели со инструменти на владата и крајно сомнителни гласања на изборите.

Јавна тајна е, меѓу упатените и познавачите на состојбите, што се случува во Фиансиската полиција, УЈП, како функционираат судовите и Јавното обвинителство, како решаваат комисиите за жалби по тендерите. Таа тајна им е добро позната и на амбасадите, важните амбасади кои спаѓаат во редот на заштитниците на македонската државност, особено од територијалните амбицции од Косово и политичките од Бугарија.

До скоро тие толерираа многу од овие појави кои ги гледа секој заради кооперативноста на Заев и владата да истуркаат нивни планови за уредување на Балканот но, сосема сигурно, трпението завршува.

Владата на Зоран Заев, онаква каква што ја гледаме сега, е преголем терет за граѓаните но, и за македонските пријатели од странство кои, со бескрајната поддршка, ги компромитираат и сопствените принципи и вредности.

Последната провокација до битните амбасади беше случајот со Сашо Мијалков и, секако, јасната ситуација дека во целиот скандал учество има и врвот на владата. И од Вашигтон, и од ЕУ, јасно порачаа дека “ја следат ситуацијата“, без познатата формулација дека ги поддржуваат институциите да го решат проблемот.

Шекеринска, во своја изјава во врска со овој последен скандал рече дека “очекува политичка и кривична одговорност за оние кои придонеле за бегството на Сашо Мијалков“. Ние би ставиле акцент на зборот ПОЛИТИЧКА одговорност, или одговорност на политичар, доволно моќен за удел во скандалот, а такви во владата има само еден-двајца.

До 15:30 часот денес ниту министерката Шекеринска, ниту премеирот Заев, а ни министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не знаеа каде е Сашо Мијалков, ниту дека помалку од два часа подоцна сам, лично, без придружба на полиција, ќе се појави во Јавното обвинителство да ја преземе поканата за куќен притвор која, патем, од неделта во 19 часот се наоѓа - во полицијата.

Изјавите на Заев, по појавувањето на Сашо Мијалков, дека владата е заслужна што тој ќе замине во куќен притвор е веќе виден обид за изместување на вистината во сопствена корист.

Сашо Мијалков се појави и замина во ЈО, сектор за организиран криминал, а не во полициска станица и, секако, имало причина за тоа. И правно, и формално, неговиот куќен притвор го спроведе шефицата на Организиран криминал, обвинителката Вилма Рускоска, а не владата или владини институции.

Она што дополнително го гледавме деновиве е обидот на владата и Заев да отворат фронт со ЈО, Организиран криминал и обвинителката Вилма Рускоска, обвинувајќи ги дека се тие виновни за исчезнувањето на Сашо Мијалков што, според фактите изнесени од Вилма Рускоска а потврдени од документацијата - не е точно.

Од барањето за притвор, до полициската акција за врачување на Решението поминале речиси 24 часа, а во тој период полицијата гарантирала дека има контрола над движењето на Сашо Мијалков.

Војната на владата и Заев против Организиран криминал во ЈО и Вилма Рускоска не е од вчера. Таа, во отворена форма, трае уште од мај 2019-та, од отварањето на скандалот Рекет, со Боки 13 и апсењето на Катица Јанева. Причина е секако што владата нема контрола врз Вилма Рускоска каква што имаше врз СЈО, и врз судовите.

Да се потсетиме, во пријавата за Рекет, Орце Камчев наведува дека во полицијата, со доверба да контактираат, и пријават таков крупен политичко-криминален скандал, имале само во тогашниот директор на УБК Горан Николовски. Така и било, а тој потоа ги упатил да пријават кај обвинителката Вилма Русокоска.

Во пролетта 2018-та година американската агенција за борба против трговија со дрога, ДЕА, на Балканот и во Македонија формираше мали, доверливи екипи проверени полицајци, овде кај нас на чело со директорот  за Јавна безбедност Лазе Велковски, за акции против овдешните дилери.  Таа работа со ДЕА се тераше незвисно од МВР, против лица кои јавно се сликаа со функционери на СДСМ и работеа за нив за време на изборите.

Со Горан Николовски, Вилма Рускоска, и Лазе Велковски стана внатрешен елемент кој е вон контрола на врвот на власта и презема дејствија кои се спротивни на нивните комерцијални и политички интереси.

На 30  Септември 2019-та, четири месеци по откривањето на скандалот Рекет, владата го разреши директорот на УБК, Горан Николовски кај кој Камчеви прво пријавиле рекет. Во септември 2019-та Лазе Велковски беше сменет од директор на Јавна безбедност и поставен пониско, за началник на организиран криминал.

Според виденото, следна на острел од Заев и владата е шефицата на Организиран криминал во ЈО, обвинителката Вилма Рускоска.

На Заев и СДСМ им треба обвинител од моделот на Катица Јанева, проверен. Ако се погледнат фактите, Заев имаше власт се додека Катица Јанева беше хиперактивна. По нејзиното апсење Заев нема ниту една значајна дипломатска средба, а зачестија меѓународните извештаи за зголемување корупција во Македонија.

По падот на Катица Јанева СДСМ остана без својот орган за тортура и брутален прогон, и премина на државни трошоци и пари од фондови за своите медиуми и невладин сектор за јавен прогон на опозицијата и нејзино внатрешно конфронтирање и уривање. Судовите и советите на обвнители и судии му останаа под контрола.

Корупцијата, според меѓународните извештаи, ескалираше. Епидемијата покажа дека власта нема организација за јавниот интерес па Македонија стана единствена држава која за година дена пандемија не набавила ниту еден респиратор, ниту едно амбулантно возилио и ниту една вакцина а, за тоа време, се  потрошија над 1,7 милијарди евра кредити, дополнително и другите пари од буџетот, при што Македонија се најде во врвот на европската листа според смртност од Ковид-19.

Се чини дојдено е време за промена на власта. Кризата се продлабочува, политичкиот прогон се зголемува, корупцијата расте, а поддршката од странство станува дискутабилна.

СДСМ по ништо не наликува на Социјладемократијата која гласачите ја познаваат три децении. Заев јавно се огради од Бранко Црвенковски по неговата осуда на владината политика велејќи дека тој “одамна е замрзнат“. Скопското крило на СДСМ е умртвено, хибернирано. Владата не покажува ни најава за промени во својот однос и владеење.

ВМРО ДПМНЕ успева да се задржи на нозе по инсталираната криза од страна на СДСМ. Но, за да дојдат на власт потребни им се време за стабилизирање и избори на кои повторно ќе победат бидејќи и во ова Собрание најмногу пратеници има партијата ВМРО ДПМНЕ, а власта е производ на коалации, а не на победа на СДСМ.

Кризата го меле македонското општество, економија и односи во заедницата кои се уриваат пред очите на граѓаните. Поделеноста, стравот, прогонот, сиромаштијата и омразата се дојдени до ново на колапс кој мора да се запре сега, и целосно.

Кое е решението?

Решението е експертска влада. Без политички функционери од СДСМ, ДУИ, ВМРО ДПМНЕ или Алтернатива. Премиер од редовите на докажани домашни бизнисмени, банкари, економски и други експерти во одредена област на минстерствата. Луѓе со репутација, кои имаат што да загубат ако не успеат.

Тоа решение е потребно сега, не подолго од месец дена чекање, и во соработка со странските стратешки партнери да изврши итна ревизија на обвинителството, судството, Управата за јавни приходи, Фиансиската полиција, МВР, Царината, Комисиите за жалби по тендери...Сите институции кои сега се во врвот на корупцијата и се видени како обични извршители на комерцијалните и партиски интереси на извршната власт, а не самостојни и стручни органи и институции.

Никому не му се потребни нови аргументи дека оваа власт не може, и не смее, да владее понатаму ако се очекува да остане барем костурот на македонската држава и институции врз кои ќе се гради ново општество без ова ниво на поделеност, омраза, политички прогон, сиромаштија, корупција и дезориентација.

Додека се уште има време, и има што да се сочува.

Vecer.mk

“Ќе има РЕВИЗИЈА НА ПОЛИТИЧКИТЕ СУДЕЊА од оваа власт“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk