logo
logo
logo

Во нивни раце е решението

Дали комисијата и Караџовски ЌЕ ДОНЕСАТ ОДЛУКА ЗА ОДЛАГАЊЕ НА ПОПИСОТ

Vecer | 12.03.2021

Дали комисијата и Караџовски ЌЕ ДОНЕСАТ ОДЛУКА ЗА ОДЛАГАЊЕ НА ПОПИСОТ

Воочи пописот на населението во Македонија сдекојдневно расте бројот на заболени, како и бројот на инфицирани во однос на тестирани, по што и понатаму сме во врвот на европската статистика.

Повеќе европски држави,  а последна е соседна Србија, го одложија пописот за на есен токму поради пандемијата. Македонија е единствена држава која има закажано попис пролетва, а не го одложила.

Ќе се стави ли на Комисијата за заразни болести, на висина на задачата и да побара одложување пописот, со оглед на епидемиолошката состојба со корона вирусот се влошува.

Со оглед на фактот што комисијата препорача, а владата одобри во земјава да се воведе полициски час кој трае од десет часот вечерта до пет часот во утринските часови, како рестриктивна мерка поради ширењето на вирусот, особено британската мутација која е поопасна од досега постоечкиот Ковид-19, јасно е дека е опасно во ваква ситуација на луѓето дома да им влегуваат невакцинирани попишувачи.

На ова остро се спротивставија и луѓето од здравствената фела. Голем број на доктори кои се на првата борбена линија со вирусот, јавно на социјалните мрежи се спротивставуваат на идејата власта ноќе да не држи под клуч со полициски час, а дење по тројца попишувачи, невакцинирани, во услови кога ковидот зема замав, да влегуваат во домови во кои има стари, изнемоштени, хронично болни луѓе, а и деца.

Докторите апелираат до власта да не го жртвуваат народот. Тие бараат без масовна вакцинација да нема попис, само така најмногу можеме да ги заштитиме македонските граѓани.

Од друга страна, одложување на пописот за неколку месеци поради состојбата со корона вирусот, побара и претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Одложување на пописот бара и најголемата опозицијата партија во државата, ВМРО ДПМНЕ.

Нејзиниот претседател, Христијан Мицкоски од инфективната Клиника каде што лежи поради заразата со корона вирусот, испрати писмо до меѓународниот фактор во кое што ги извести дека Македонија, како и остатокот од Светот се соочува со нов бран на Ковид 19.

Но во исто време државава се наоѓа на дното во Европа по број на вакцинирани, при што побара прво во Македонија да се спроведе масовна имунизација, консензус и одложување на пописот за во септември и локалните избори да се организираат во ноември.

„Борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостаток на вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик за јавното здравје.

Јас не се сомневам во потребата од кредибилен попис, но во овој момент не е време за истиот. Ние мора да сме фокусирани пред се на борбата против здравствените предизвици кои се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза ние можеме повторно да се насочиме на пописот“, пишува Мицкоски во писмото.

Одложувањето на пописот не го исклучува ниту Државниот завод за ревизија. Директорот Апостол Симовски, вчера истакна дека пописот би се одложил ако Комисијата за заразни болести (КЗБ) предложи дека не е безбедно да се спроведува.

„Единствените коишто можат да предложат одложување на пописот поради Ковид-от е Комисијата за заразни болести, ако оценат дека ситуацијата е таква да не може да се контролира, треба да дадат препорака до Владата за да се донесе таква одлука, изјави Симовски за Канал 5 телевизија.

А ситуацијата ко корона вирусот на терен е лоша. Со ваква загрижувачка состојба повеќе од неопходно е КЗБ да побара одложување на пописот, затоа што неговото спроведување може да го урне здравствениот систем, а со тоа и државата.

Останува да се види дали комисијата ќе се стави на висина на задачата и ќе побара негово одложување или, како што и до сега делуваше и за што од опозицијата беше обвинувана дека подпаднала под политичко влијание, ќе продолжи да спроведува политички нарачки.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk