logo
logo
logo

ЌЕ СЛЕТА ЛИ НЕНСИ ПЕЛОСИ ВО ТАЈВАН. Дали е тоа закана за нова голема војна

Vecer | 02.08.2022

ЌЕ СЛЕТА ЛИ НЕНСИ ПЕЛОСИ ВО ТАЈВАН. Дали е тоа закана за нова голема војна

Белата куќа од Вашингтон соопшти дека Ненси Пелоси не и потврдила на американската администрација дека планира да го посети Тајван, но дека „има право на тоа“. Вашингтон смета дека Пекинг нема причина да ја користи посетата на Пелоси на Тајван како изговор за агресија врз островот.

Од друга страна, вчера и денес, во американските медиуми се повеќе се појвуваат написи во кои се бара претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, да не предизвикува ризчни тензии со посетата на Тајван нарекувајќи ги нејзините планови “его трип за лична политичка промоција“ за потреби на нејзината кариера.

Специјален лет на американските воздухопловни сили тргна од Куала Лумпур и се движи кон југ, соопштува „Флајтрадар“. Не е познато дали во авионот е и претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси. Последните информации околу 13.30 по средноевропско време говорат дека американскиот авион во кој можеби се наоѓала претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, се свртел кон Тајван.

Кинеската управа за поморска безбедност соопшти дека од денеска до 6 август во Јужното Кинеско Море ќе се одржуваат воени вежби со гаѓање во живо. Во таа насока, забранет е влез на сите бродови во областите чии координати се наведени на веб-страницата на агенцијата, се посочува во соопштението, пренесува Интерфакс. Во вените вежби се вклучени сите родови на кинеската војска: авијација, морските сили, артилеријата и пешадија.

Според видеата на Твитер, Кина испраќа голем број амфибиски возила од типот 63А во провинцијата Фуџијан, која се наоѓа веднаш до Тајванскиот теснец, на околу 200 километри од Тајван. Кинеската војска во последните денови ги интензивираше вежбите во јужнокинеското и источнокинеското море, вклучително и водите на провинцијата Фуџијан, која е одвоена од Тајван со теснец. Набљудувачите оценуваат дека вежбите се поврзани со евентуалната посета на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, на Тајван.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска ги обвини САД за дестабилизација на светот. Таа го изјави ова додека ги коментираше наводите дека Кина го прекинала увозот на одреден број тајвански прехранбени производи поради можна посета на Тајван на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси.

„Вашингтон му носи дестабилизација на светот. Ниту еден конфликт не е решен во изминатите децении, но многу од нив се испровоцирани“, изјавила Захарова на нејзиниот профил на Телеграм, а пренесува ТАС.

Блумберг претходно денеска објави дека Кина воведе забрана за испорака на повеќе од 100 тајвански извозници на храна во обид да изврши економски притисок врз клучната индустрија на островот пред очекуваната посета на Пелоси.

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска потврди дека Пекинг жестоко ќе возврати доколку претседателката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси го посети Тајван.

– Кина ќе преземе решителни мерки за заштита на националниот суверенитет и територијалниот интегритет доколку претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, го посети Тајван – изјави на брифингот портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг.

Според сето наведено од кинеска и американска страна најавената посета на Неси Пелоси на Тајван од степен на виско сериозни закани за стабилноста на тој регион и за односите помеѓу САД и Кина. Тајван, која според потврда и од Вашингтон, уште од времето на претседателот Ричард Никсон е признаен како територија на Народна Република Кина. Пекинг и Вашингтон потпишаа три коминикеа за ова.

Затоа Пекинг го гледа доаѓањето на Пелоси во Тајван како повреда на територијалниот интегритет и суверенитет на земјата, односно кршење на принципот „една Кина“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk