ДЕНЕСКА ЌЕ ПОТЕЧАТ НОВИ КИЛОВАТИ СТРУЈА ВО ЗЕМЈАВА

Светна ХЕЦ "Света Петка"

Со новата хидроелектрана, инвестиција на Електрани на Македонија - ЕЛЕМ вредна околу 75 милиони евра, македонскиот електроенергетски систем доби нова инсталирана моќност од 36,4 мегавати и годишно проектирано производство од 66 гигават-часови електрична енергија, доволно за опслужување на повеќе од 40.000 граѓани

По 6 години интензивна изградба денеска од хидроцентралата Света Петка ќе потечат првите киловат-часови електрична енергија, бидејќи објектот и официјално ќе биде пуштен во функција и пробна работа. Со новата хидроелектрана, инвестиција на Електрани на Македонија - ЕЛЕМ, вредна околу 75 милиони евра, македонскиот електроенергетски систем доби нова инсталирана моќност од 36,4 мегавати и годишно проектирано производство од 66 гигават-часови електрична енергија. Тоа е скоро околу 50 проценти од номиналното производството на електрична енергија од ХЕ Козјак.
Како што деновиве нагласи премиерот Никола Груевски оваа количина на електрична енергија е доволна за повеќе од 40.000 граѓани, најавувајќи притоа дека проектите во македонскиот енергетски сектор продолжуваат со несмалено темпо.
Капацитет ХЕЦ "Света Петка" е лоциран на реката Треска и според енергетските стручњаци се работи за изградба на тежок објект, еден од најтешките што некогаш е направен во Европа, но и во земјава и затоа беа потребни дополнителни активности за тој да финишира. Тешката пристапност и суровост на теренот, како и ограниченоста на просторот за работа бараа примена на извонредно сложени и несекојдневни организациски и градежни техники.
Градежните работи во својство на главен изведувач ги реализираше словенечки Рико, а договорот со компанијата беше потпишан во 2005 година. Во изградбата на овој значаен објект директно беа вклучени околу 500 стручни кадри пред се од земјава, како и двете домашни реномирани скопски градежни компании ГРАНИТ и Бетон.
Како што информираат од ЕЛЕМ браната на акумулацијата е висока 64 метри и има волумен од 29688 м3. Таа претставува бетонска, двојно закривена тенка лачна брана и како таква е прва брана од овој тип изградена во Македонија. Ваквиот тип на објект налагаше користење на специјално произведен бетон, со цемент со посебни термички карактеристики и агрегат со специфичен гранулометриски состав.
Објектот ХЕ "Св. Петка" како дел од повеќенаменскиот хидросистем Скопско Поле - под систем Козјак-Матка има основна намена да го искористи хидропотенцијалот на истечните води од ХЕ Козјак и локалните води од сливот на реката Треска. Покрај тоа оваа акумулација треба да овозможи постојано пререгулирање на дневните истечни води од ХЕ Козјак. Со тоа ХЕ "Света Петка" ќе функционира како проточна хидроелектрана меѓу постојните ХЕ-Козјак и ХЕ-Матка.
Со пуштањето во употреба на овој објект, по ланската 2011 година пред Електрани на Македонија е нова успешна енергетска година. Компанијата најавува дека продолжува и со тековните одржувања и модернизации на постоечките капацитети.

(В.Ма.)


Најнови вести

Коментари