ВО ДЕМИР ХИСАР

Света посегнува по светоста од минатото

На местото каде што некогаш се наоѓало селото Метимирци чии жители се преселија во Света, започна да се гради црквичка во сеќавање на светоста од тој период










Велат дека природата во пролет најубава е во Демир Хисар, а во есен во Мариово. Во пролет затоа што низ сите страни бликаат води, се зеленеат предели, цветаат ливади. А во есен низ Мариовската висорамнина жолтеат дапчињата, се црвенеат крушовите стебла. Но, и во едниот и во другиот крај, во речиси секој период од годината постепено исчезнуваат блеењето на овците, мукањето на говедата. Во Мариово позабележително, низ Демир Хисар се поочигледно.

А, сепак патувањето низ демирхисарските села е пријатно. Повеќето поврзани со асфалтни ленти, со земјоделци ангажирани околу расадот за тутунот, градинарските култури. Во некои села се посегнува кон минатото, кон сеќавањата кога се работеше по цел ден, но и добро се живееше. Со свадби, крштевки, со верски празнувања.

СВЕТОСТ
Селото Света од центарот на Опшината, како што го нарекуваат Демир Хисар, е оддалечено 11 километри. Од левата страна по течението на Црна Река се минуваат селата Граиште, Бараково и Единаковци.

Некогашниот жител на Света, дип. економист, а сега пензионер Душан Бакревски во две книги неодамна издадени, го има опишано некогашниот живот во селото Света. За сегашниот, во негова придружба отпатувавме во селото.

- Некогаш свеќани живееја во селото Метимирци, од десната страна на Црна Река, но заради осојот се преселија од другата страна на реката. А, богами на тоа ги натера и близината на "Зли камен" каде постарите раскажуваа дека имало илјадници змии. Тие ја напаѓале стоката и луѓето решиле да заминат, ни раскажува еден од најстарите жители на Света, Тодор Димовски.

Блаже Јановски вели дека иако времињата се промениле, змии се уште насекаде има, а дури тој во еден ден отепал девет. Ги има од двете страни на реката, но затоа, пак, сегашните жители се повеќе се интересираат да ја возобноват некогашната светост на осојничките ридови. Најпрвин подигнаа параклис, а наскоро ќе ја подигнат црквата "Св. Јован".

- Во Света денес има две цркви "Св. Пантелејмон" и "Св. Петка", но светилиштето од Метимирци не е заборавено. Параклисот е подигнат по еден сон на наш жител. Подоцна констатиравме дека на тоа место имало црквичка, не запознава Цане Ѓуваровски, кој се грижи за "Св. Пантелејмон".

ВИНО
Со Бакревски минуваме низ селото. Ни споменува дека било евидентирано во турските документи уште во 1540 година. Некогаш во него имало 760 жители, но денес нивниот број е под 400. Ни раскажува дека Турците ја разрушиле и црквата "Св. Петка" затоа што и покрај забраната за чување на алкохол, тие пронашле под олтарот во црквата бочви со вино. Жителите таму ги криеле. Црквата денес е заштитена, но и ќе се доуреди, како и "Св. Пантелејмон" која била градена од 1905 до 1910 година, но и во која прв бил погребан во 1911 комитата Ѓорѓи Ралев.

Сеќавање и спомени. Некои како легенди, други чиниш повистинити не можат да бидат. Но, и разни духовити признанија. Како составен дел на животот во минатото.

- Некогаш низ селото минуваше и железничката пруга. Сега станицата е руинирана. Ги нема и некогашните четворица просветни работници. Нема и многумина свеќани. Се иселија за подобар живот. Како и во повеќе други демирхисарски села - вели Бакревски.

Но, забележителни се и нови зафати за намалување на иселувањето. Кај Единаковци изградена е приватна мелница "Брест". Во Света старите камени куќи се заменуваат со нови. Земјоделската механизација се зголемува. И верувањето дека животот може да биде поубав.

- Гледате штрковите постојано се враќаат. Налегнати се по гнездата, изведуваат мали, а потоа заминуваат. Свеќани навраќаат само за сеќавање. Добро е што се зафатија да ја возобноват светоста на Метимирци, но и традиционалните верски обичаи во сегашна Света. Можеби со тоа нема да се избрише минатото. Ниту некогаш убавиот живот крај Црна Река - зборува Бакревски.

Минуваме низ двете страни на реката. Кон Метимирци преку вренгија подигната на реката за да ја префрлат водата низ нивите. Во селото низ убаво уредени улици. Насекаде зелени ливади со штрко цвеќе (нарцис), пој на птици. Ни се преплетуваат кажувањата за минатото. За посегнување по неговата светост. Можеби и сеќавањата на тоа ќе бидат зародиш за нови огништа. Светоста на тие простори никогаш не се изгубила.

Петар СТАВРЕВ

Најнови вести

Коментари