logo
logo
logo

Зошто Балканот ЌЕ ЖАЛИ ПО МЕРКЕЛ

Vecer | 13.09.2021

Зошто Балканот ЌЕ ЖАЛИ ПО МЕРКЕЛ

Меркел деновиве е во посета на Белград и Тирана, каде ќе има билатерални средби со лидерите на  Србија и Албанија, а потоа и со земјите од Западен Балкан. Меркел на Балканот ја застапува политиката која што ги става интересите на германската економија и стабилност над демократијата“, проценува агенцијата ДПА.

Ханделсблат пишува дека регионот сепак ќе жали кога Меркел ќе се пензионира.

„На крајот од мандатот, федералниот канцелар патува во делот од Европа што Западот го занемари во последно време. Многумина се прашуваат дали ова е само проштална турнеја - или Меркел сака повеќе?", пишува во анализата на ДПА.

Меркел од билатералната посета на Белград, оди во Тирана, каде што ќе се сретне со сите шефови на држави или влади на Западен Балкан.

Официјален Берлин изјави дека посетата е посветена на „регионалната соработка“. „Тоа е повеќе од претпазлив опис на планината проблеми што се собраа со текот на годините во Србија, Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора и Косово. Германските дипломати во регионот велат дека канцеларката сака повеќе да се грижи за државите во крајот на нејзиниот мандат, а можеби и да постави неколку патокази за следната германска влада“.

Изборите во Германија се на 26 септември, а по нив Ангела Меркел ќе се пензионира. Посетата на Србија и Албанија е едно од нејзините последни патувања во странство.

ДПА додава дека официјално Србија и соседството имаат „европска перспектива“, но дека не напреднале далеку.

„Практично има недостатоци практично насекаде - во различни форми: во областа на владеењето на правото, административна експертиза. Корупцијата и непотизмот цветаат. Независните медиуми и критичкото граѓанско општество се под зголемен притисок. Тука -таму владеат авторитарни тенденции".

Наведувајќи дека занемарувањето на Балканот значи дека регионот станува еден вид шаховска табла за конфликтот меѓу Русија, Кина и Турција со Западот, агенцијата пишува дека канцеларката Меркел ужива голема репутација во регионот. "Вучиќ, кој раководи со својата земја се повеќе и повеќе автократски, ја опсипува канцеларката со највисоки пофалби. Другите водечки политичари во регионот ја ценат нејзината експертиза".

Сепак, според ДПА, билансот на Ангела Меркел во регионот е „шарен“. Таа го започна Берлинскиот процес пред седум години, што резултираше со регионален форум за младинска соработка и укинување на роамингот.

„Вучиќ, нејзиниот домаќин, владее во Србија практично без опозиција. Критичарите велат дека неговите дипломати и разузнавачки служби ги поддржуваат српските сепаратисти во Босна и Црна Гора. Тој му е понуден на Берлин како гарант за стабилност, наводно им служи на германските интереси", заклучува ДПА.

Весникот „Ханделсблат“ пишува дека крајот на ерата на канцеларката е „горчлив“ за Западен Балкан бидејќи тамошните земји „губат важна поддршка во Европската унија и сега им се  заканува дека ќе останат во чекалницата уште подолго“.

„Бидејќи Франција, како една од најмоќните земји на ЕУ, се противи на напредокот во процесот на пристапување и привлекува се повеќе членови на своја страна,  не е јасно дали следната германска влада ќе успее, како и Меркел, да влијае врз францускиот претседател Макрон и другите.

„Земјите од ЕУ кои често го користат правото на вето за проширување. Кога кандидатите за канцелар Армин Лашет (ЦДУ) и Олаф Шолц (СПД) го посетија Макрон во Париз минатата среда, европската интеграција на Балканот не беше меѓу темите“

Ханделсблат заклучува дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ би била од „централен геостратешки интерес“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk