logo
logo
logo

Жестока трка за фотелја - КОЈ Е ВО ТРКА ЗА НАСЛЕДНИК НА МЕРКЕЛ

Vecer | 11.04.2021

Жестока трка за фотелја - КОЈ Е ВО ТРКА ЗА НАСЛЕДНИК НА МЕРКЕЛ

Кога две конзервативни сестрински партии во Германија, ЦДУ и ЦСУ, номинираат кандидат за канцелар, тој секогаш има големи шанси за брз подем во својата политичка кариера. Во речиси 72 години од постоењето на Сојузна Република Германија, канцелар или канцелари на ЦДУ управуваа со судбината на земјата дури 51 година.

Дури и сега, партијата на Ангела Меркел сè уште води во анкетите, пишува Дојче веле

Пандемијата одредува сè

Сепак, сè е различно од вообичаено. Поради пандемијата и лошото управување со владините кризи во последно време, според анкетите, конзервативците нагло ја губат поддршката на гласачите. Некои нивни функционери беа принудени да дадат оставка, поради збогатување од огромни провизии за медијација при набавка на заштитни маски.

И пред сè: по 16 години Ангела Меркел се повлекува - таа нема да се кандидира на есен и остава дезориентирана партија. Таа неодамна ја доби довербата меѓу 26 и 28 проценти од испитаниците во анкетите. Зелените се веднаш зад неа. Меркел освои 32,9 проценти од гласовите на федералните избори во 2017 година.

Два провинциски премиери

Двајца мажи се сметаат за фаворити во кандидатурата за канцелар. Двајцата во моментов се премиери во нивните сојузни покраини. Армин Лашет, претседател на ЦДУ од јануари годинава, е премиер на Северна Рајна-Вестфалија - најнаселената сојузна покраина Германија.

И Маркус Зедер, првиот човек на баварската сестринска партија ЦСУ, е на чело на баварската влада. Всушност, правилото е: Ако претседателот на ЦДУ побара кандидатура за себе, никој не може да го спречи, бидејќи ЦДУ постои во 15 сојузни држави, а ЦСУ само во Баварија. Но, 2021 година е различна и во тој поглед.

Зедер има јасен тек

Бидејќи Маркус Зедер важи за динамичен премиер во Баварија,  тој е еден од политичарите кои имаат многу јасен тек за време на пандемијата. Тој секогаш стоел и стои на страната на канцеларката, која се залага за најстроги можни ограничувања и е прилично скептичен во однос на ублажувањето на мерките. И во исто време, иако повеќе не е толку јасно, позади себе го има мнозинството Германци.

Затоа Зедер, за јавниот сервис ЗДФ, изјави: „Патем, сите ги сакаат гласовите на гласачите на Ангела Меркел. И ако сакате гласови на Ангела Меркел, мора да ја имате таа политика што ја имаше“.

Лашет беше за олеснување на мерките, а сега против

Армин Лашет беше еден од поборниците за уублажување на мерките особено летото 2020 година, што подоцна, барем според многу експерти, предизвика повторно зголемување на бројот на инфекции.

Сега новиот шеф на ЦДУ се залага за строга кратка блокада, како Зедер и Меркел. Но, неговата брза промена на одлуките му го наруши имиџот. Дури и Меркел ја критикуваше политиката на нејзиниот наследник на чело на партијата за јавниот сервис АРД, кога рече: „Тоа не ме прави среќна“.

Зедер води на анкетите

Германците повеќе го сакаат Зедер на најважната политичка функција во земјата: во анкетата спроведена од институтот „YouGov“ кон средината на март, 41 процент од испитаниците сакаат Зедер да ја предводи Унијата на двете партии во федералната изборна кампања и само 14 проценти се за Лашет. Меѓу гласачите на Унијата, Зедер е уште појасен во водството - со 63 проценти, наспроти 12 проценти кои се за Лашет.

Ова првенствено предизвика вознемиреност во парламентарниот клуб на Унијата во Бундестагот. Ако двете партии поминат многу полошо на есенските избори отколку на претходните, местата на многу од вкупно 245 конзервативни пратеници во парламентот се загрозени. Затоа, со сета солидарност со Лашет, сè повеќе важи: Ние сме за оној што ќе добие најмногу гласови.

Писмо од висок профил до премиерите на федералните покраини

Зедер долго време се воздржуваше од отворено покажување дека сака да стане канцелар. Тој секогаш велеше дека својата иднина ја гледа во Баварија. Но, многу од неговите последни акции кажуваат нешто сосема друго.

На пример, писмо упатено до колегите - покраинските премиери, во кое ги повикува конечно да дејствуваат доследно заедно во корона политиката. Зедер го напишал писмото заедно со премиерот на Баден-Виртемберг, Винфрид Кречман - од Зелените.

На крајот на краиштата, не е тајна дека Зедер добро се сложува со многу претставници на Зелените, а неодамна тој постојано се залагаше за поголема климатска зашти. И коалицијата со Зелените по федералните избори е една од најверојатните опции.

Сè понеизвесна заедничка одлука

Според она што може да се слушне од парламентарниот клуб на Унијата, Лашет сепак има мала предност. Прашање е кој воопшто ќе одлучува за кандидатурата за канцелар.

А, дека Лашет и Зедер ќе постигнат мирен договор е сè помалку веројатно, иако Лашет кон средината на неделата рече: "Маркус Зедер и јас ќе им дадеме предлог на претставништбата на партиите. Ќе одлучиме според критериумот - кој има најголеми шанси во цела Германија да победи на изборите".

Во моментов, јасно е дека е тоа - Маркус Зедер.

Германија се соочува со големи предизвици

Ако тоа е доволно за позицијата на канцелар, конзервативците ќе се соочат со огромни предизвици.

По 16 години владеење на Ангела Меркел, ЦДУ и ЦСУ се ослабени програмски. Меркел ја укина употребата за нуклеарна енергија и задолжителна воена служба. И, тоа беа всушност основните конзервативни елементи.

Меркел помина подолг период од мандатот како канцелар во кризен режим: во финансиска и еврокриза, бегалска политика и добра година во пандемија.

Германија сега има големи дефицити во дигитализацијата, се бори против расизмот и поларизацијата на општеството и мора да ја подобри климатската заштита.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk