Во своето прво обраќање во живо пред Генералното собрание на ОН по руската агресија врз неговата земја во 2022 година, тој рече дека Украина знае дека Русија киднапирала десетици илјади деца.

„Се обидуваме да ги донесеме децата дома, а времето истекува, што ќе биде со нив? се запраша. Украинскиот претседател рече дека овие деца во Русија се учат да ја мразат својата земја, а сите врски со нивните семејства се прекинати. Тој посочи дека тоа е „јасен геноцид“. Зеленски сака да ги покани сите светски лидери кои се противат на руската агресија врз Украина на мировниот самит што се подготвува.

„Во Хирошима, Копенхаген и Џеда веќе се одржаа дискусии и важни размени на мислења за спроведувањето на мировниот план. А ние подготвуваме светски самит за мир. Заедно да го подготвиме тој самит“, рече тој.

Тој, исто така, истакна дека Русија се обидува да манипулира со глобалниот недостиг на храна за да добие меѓународно признавање на украинската територија.

Зеленски рече дека „окупаторот мора да се врати во својата земја“ и додаде дека „Украина прави сѐ за по руската агресија никој во светот да не се осмели да нападне ниту една земја“. Говорот го заврши со зборовите „Слава на Украина“, а на крајот доби аплауз од 30 секунди.