logo
logo
logo

Зеленски: Ја добивме првата транша помош од ЕУ вредна 3 милијарди евра

Vecer | 17.01.2023

Зеленски: Ја добивме првата транша помош од ЕУ вредна 3 милијарди евра

„Украина ги доби првите три милијарди евра од новата макрофинансиска програма вредна 18 милијарди евра за поддршка на украинската економија“, изрази задоволство Зеленски на Твитер.

Тој им се заблагодари на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и на дваесет и седумте земји- членки за нивната „цврста поддршка“ за Киев речиси 11 месеци по почетокот на руската инвазија. Во средината на декември, Европската унија гласаше за оваа нова финансиска помош за Украина по тешките преговори меѓу земјите-членки.

Европејците конкретно ветија дека ќе ѝ даваат на Украина 1,5 милијарди евра секој месец во текот на 2023 година за финансирање на јавната потрошувачка. Помошта е во форма на 35-годишен бескаматен кредит со можност за отпис на долговите. Сепак, помошта е придружена со некои услови поставени од Брисел.

„ЕУ мора да биде сигурна дека Украина ќе ги искористи 18-те  милијарди евра за намената“, изјави вицепремиерката Олга Стефанишина за украинската веб-страница Eurointegration.com, истакнувајќи дека меѓу условите има прашања поврзани со „владеењето на правото“ и борбата против корупцијата.

Европската помош треба да помогне во одржливоста на украинскиот државен буџет откако Зеленски процени дека во 2023 година му требаат околу 45 милијарди долари.

Украинскиот центар за економска стратегија смета дека вкупната вредност на западната помош (финансиска, воена и друга) за Украина во 2023 година би можела да достигне 100 милијарди долари, од кои повеќе од 40 милијарди долари се само за вооружените сили.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk