Референдумот заврши, што сега?

За независност гласаа 90 отсто Каталонци, Пуџдемон бара меѓународно посредништво

На Твитер профилот на Владата на Каталонија е објавено дека од 2.262,424 ливчиња, кои не биле запленети од шпанската Влада, вкупно 2.020,144 биле за независност, со 176.566 гласови „против", 45.586 празни и 20.129 неважечки ливчиња

Владата на Каталонија објави дека 90 отсто од гласовите на референдумот за независност што се одржа во неделата се - за независност.

Портпаролот на Владата, Жорди Турул изјави дека во референдумот учествувале 2,26 милиони луѓе и 2,02 милииона гласале за независност. На референдумското изјаснување учествувале околу 42,3 отсто од вкупно 5,43 милиони избирачи во Каталонија.

На Твитер профилот на Владата на Каталонија е објавено дека од 2.262,424 ливчиња, кои не биле запленети од шпанската Влада, вкупно 2.020,144 биле за независност, со 176.566 гласови „против", 45.586 празни и 20.129 неважечки ливчиња.

- Тоа е победата за демократијата и луѓето кои ја заштитија на мирен начин, истакна Турул.
Претседателот на регионалната влада на Каталонија, Карлас Пуџдемон изјави дека со спроведениот референдум за независност, Каталонците „се избориле за правото на независна држава".

- Граѓани на Каталонија, ние се изборивме за правото да имаме независна држава, која ќе биде република, изјави Пуџдемон во обраќање пред своите приврзаници во Барселона.

Тој го поздрави одѕивот на милиони луѓе кои излегоа да гласаат на референдумот, иако тој беше суспендиран од шпанскиот Уставен суд.

Пуџдемон смета дека Европската унија повеќе не може да „ја врти главата од кршењето на човековите права и од конфликтот меѓу Каталонија и шпанската држава".

- Ние сме европски граѓани и се соочуваме со загрозување на нашите права и слободи, изјави Пуџдемон, повикувајќи ја ЕУ да преземе итни акции.

Министерот за надворешни работи на Каталонија Раул Ромева и порача на Европската унија: Европа мора да избере меѓу срам и достоинство. Очекуваме одговор.

Меѓутоа, од Европа ден по референдумот стаса студен туш за Каталонија.

Европската комисија ја потврди својата позиција дека референдумот за независност на Каталонија не е во согласност со Уставот на Шпанија.

- Референдумот според шпанскиот устав не е легитимен" - рече портпаролот на Комисијата, додавајќи дека каталонското прашање е "внатрешна работа на Шпанија".

- Меѓутоа, надвор од правните аспекти, Комисијата смета дека сега е време за единство и стабилност - додаде Маргаритис Схинас, портпарол на ЕК.

Портпаролот Схинас, исто така порача дека Европската комисија очекува состојбата во Шпанија "да се префрли од конфликт на дијалог" и посочи дека "насилството не може да биде политички инструмент".

Сепак, Еврокомисијата одбива да каже кој е одговорен за насилството по каталонските градови во кое најмалку 800 лица беа повредени.

По ваквата реакција од Унијата, каталонскиот лидер Карлас Пуџдемон вчера побара меѓународно посредништво за надминување на кризата со Владата во Мадрид. Тој исто така побара и итно повлекување на шпанските полицајци од Каталонија.

Пуџдемон најави дека точните резултати од референдумот, кој шпанските власти го прогласија за нелегитимен, ќе бидат познати „за неколку дена" и дека неговата Влада ќе ги достави до регионалниот Парламент, со што тој ќе може да го спроведе Законот за референдумот.

Со Законот се предвидува каталонскиот Парламент да може да прогласи еднострана независност, доколку на референдумот мнозинството од гласачите се изјаснат за отцепување на Каталонија од Шпанија.

Но, прашање е дали работите ќе се одвиваат толку едноставно. Пуџдемон во моментот е под притисок и од ЕУ, и од Шпанија, но и од каталонските сепаратисти кои од него бараат "да не ги изневери" повторувајќи дека сакаат независна држава.

Жорди Санчез

- Сега немојте да не изневерите. Дојде моментот на вистината, изјави лидерот на АНЦ, Жорди Санчес во обраќање до каталонската регионална Влада пред насобраната група поддржувачи на независноста на Каталонија на централниот плоштад во Барселона ноќта по гласањето.

Тој нагласи дека очекува „многу наскоро да се роди новата каталонска држава".

Заседанијата зад затворени врати и на регионалната каталонска влада на Пуџдемон и на централната влада на Шпанија на Маријано Рахој несомнено долго ќе траат во обид да се изнајде соодветно решение.

Имајќи ги предвид бројот на повредени во неделната масовна акција на шпанската полиција, како и гневот на Каталонците, градоначалничката на Барселона Ада Колау ја предупреди каталонската Влада дека унилатерална декларација за независност „не е најдобар начин" за решавање на ситуацијата во Каталонија.

Можно е Мадрид да ја укине самоуправата и да го апси Пуџдемон

Портпаролот на каталонската Влада Хорди Туруљ изјави дека не исклучува можност шпанската држава да се повика на Член 155 од Уставот што овозможува централната власт да ја укине самоуправата во регионот.

Според него, не е исклучено ниту апсење на членови на каталонската Влада по вчерашниот референдум за независност, објави Ел Паис.

Според социјалистите: Територијалниот интегритет на Шпанија е под закана

Територијалната целовитост на Шпанија е во опасност по референдумот за независност на Каталонија, изјави лидерот на опозициската Шпанска социјалистичка работничка партија Педро Санчез.

Тој изјави дека партијата „поддржува територијална целовитост на државата, што денес е во опасност". Според него, полициската бруталност против Каталонците „очигледно не може да биде одобрена од ниту еден демократ".

Санчез го обвини и премиерот Маријано Рахој и каталонските сепаратисти дека ја почнале кризата бидејќи политиките им се пропаднати на најлош можен начин.

Асанж до Јункер: Суспендирај ја Шпанија од ЕУ

Основачот на Викиликс Џулијан Ансанж го повика претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер да ја суспендира Шпанија поради инсерти на кои се гледа однесувањето на шпанската полиција кон каталонските избирачи.

Тој на својот Твитер налог ги објави и спорните инсерти.

- Јункер, дали е ова почитување на човековото достоинство, слобода и демократија? Активирај го Членот 7 и суспендирај ја Шпанија од ЕУ поради кршење на Членот 2, напиша Асанж на Твитер.

Поврзани

Најнови вести

Коментари