logo
logo
logo

Вселенски отпад ја погодил и оштетил Меѓународната вселеснка станица

Vecer | 31.05.2021

Вселенски отпад ја погодил и оштетил Меѓународната вселеснка станица


Парчиња вселенски отпад што биле премали за да се следат од безбедносните системи ја погодиле Меѓународната вселенска станица (ISS) и ја оштетиле нејзината роботска рака наречена Канадарм2.

За среќа, инструментот е сè уште функционален, но пробиена е неговата термичка заштита и оштетени се некои од компонентите.

Вселенските агенции и научната заедница веќе извесно време предупредуваат на проблемот со отпадот во вселената (остатоци од претходни мисии и сателити), наведувајќи дека станува збор за темпирана бомба. Експертите следат повеќе од 23.000 парчиња поголеми од тениско топче за да се избегне судир меѓу нив и Меѓународната вселенска станица или некој сателит.

Помалите објекти е невозможно да се следат, но тоа не значи дека не можат да предизвикаат значителна штета на активните мисии во орбитата на Земјата, пишува „Сајнс алерт“.

Канадарм2 (SSRMS), дизајнирана од Канадската вселенска агенција (CSA), е дел од Меѓународната вселенска станица цели 20 години. Станува збор за роботска титаниумска рака што служи за одржување на станицата и за помош при маневрирање предмети надвор од неа, како товарни бродови.

Засега е непознато кога точно се случила несреќата. Штетата за прв пат била забележана на 12 мај, за време на рутински преглед.

„И покрај ударот, тековните анализи покажуваат дека уредот е сè уште функционален. Оштетувањето е ограничено на мал дел од раката и термичкиот капак. Канадарм2 продолжува со планираните операции”, соопшти CSA.

Европската вселенска агенција (ЕSА) проценува дека околу 130 милиони фрагменти од човечки изработен материјал помали од еден милиметар во моментов кружат околу Земјата.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk