logo
logo
logo

Врховниот суд одобри да се објават финансиите на Трамп

Vecer | 23.02.2021

Врховниот суд одобри да се објават финансиите на Трамп


Врховниот суд му одобри на обвинителството да ги прибави даночните пријави и другите финансиски податоци на поранешниот претседател, Доналд Трамп.

Сето тоа е дел од кривичната истрага што се води против него.

Судиите го отфрлија барањето на Трамп за одложување на примената на судската одлука донесена на 7 октомври, според која на сметководствената компанија „Мазарс САД“ и’ е наредено да ги предадe материјалите и податоците на големата порота, свикана од окружниот обвинител Сајрус Венц од Менхетен, кој е од редовите на Демократската партија.

На Врховниот суд му беа потребни неколку месеци да се произнесе за случајот. Институцијата, во која има тројца судии назначени од поранешниот претседател, не се огласи за време на изборниот процес и периодот во кој Трамп поднесе приговори за поразот.

Таа тоа го стори еден месец по завршувањето на мандатот на поранешниот претседател, пренесува Гласот на Америка.

Случајот се однесува на даночните записи на Трамп како приватно лице и бизнисмен во последните осум години. Во врска со ова – обвинителите не обелоденија премногу информации.

Во едно судско досие во текот на изминатата година, тие наведоа дека со право бараат пристап до записите поради, како што велат, извештаите во јавноста за можно значајно и долготрајно криминално однесување во организацијата на Трамп.

Дел од истрагата се однесува на исплати на актерка во индустријата за возрасни Сторми Даниелс и манекенката Карен Мекдугал, со цел да не ги откриваат деталите за наводната афера со Трамп за време на претседателската кампања во 2016 година.

Трамп негираше дека имал вонбрачни врски со нив.

Во јули 2020 година, судиите на Врховниот суд го отфрлија аргументот на Трамп дека претседателот е имун на истрага додека е на функција или дека обвинителот треба да покаже поголем степен на потреба за обелоденување на даночните записи на шефот на државата.

Таа одлука беше поддржана од Нил Горсах и Брет Кавано, кои беа избор на Трамп за судии на Врховниот суд.

Дел од пресудата беше и одлуката за враќање на случајот во надлежност на судовите од пониска надлежност. Исто така беше одлучено дека податоците за даночните записи на Трамп нема да бидат објавени додека течат судењата пред тие судови.

Адвокатите на Трамп прибегнаа кон дополнителни аргументи објаснувајќи зошто податоците за данокот на Доналд Трамп не треба да се откриваат, но тие беа одбиени пред федералниот суд во Њујорк во редовна постапка и по жалба.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk