Во Сирија се отворија гласачките места за претседателските избори, на кои претседателот Башар ал-Асад треба да го добие четвртиот мандат.

Владата тврди дека изборите покажуваат дека Сирија функционира нормално и покрај децениската војна, но опозицијата и западните сили сметаат дека изборите се можност за консолидирање на власта на Асад, кој се бори против двајца непознати кандидати.

На Филозофскиот факултет во Дамаск, стотици студенти чекаа во ред да гласаат, а неколку автобуси беа паркирани надвор.

„Дојдовме да го поддржиме претседателот Башар ал Асад (…) Без него, Сирија немаше да биде Сирија“, рече студентката Амал.

„Ние ги жртвуваме своите животи за тебе со крв и душа, Башар“, скандираа други студенти пред отворањето на избирачките места.

Асад првпат дојде на власт во 2000 година, по смртта на неговиот татко Хафез, кој владееше 30 години.

Претседателството на Асад го одбележа децениска војна што изби по мирните протести против неговото авторитарно владеење во 2011 година. Војната уби стотици илјади луѓе, а 11 милиони, приближно половина од населението на земјата, ги напуштија своите домови.

Неговите спротивставени кандидати се Абдалах Салум Абдалах, поранешен заменик министер и Махмуд Ахмед Мареи, лидер на мала, официјално дозволена опозициска партија.

Француските, италијанските, британските и американските министри за надворешни работи во вторникот, критикувајќи го Асад, во заедничката изјава рекоа дека изборите во Сирија нема да бидат слободни и фер.