logo
logo
logo

Во рација на германската полиција откриени 2 групи поврзани со ХЕЗБОЛАХ

Vecer | 19.05.2021

Во рација на германската полиција откриени 2 групи поврзани со ХЕЗБОЛАХ

Германската полиција изврши рација на 20 локации во неколку сојузни покраини целејќи на организации чии активности беа забранети од властите поради нивните врски со исламистичкото движење Хезболах во Либан.

Полициската акција следеше по забраната за нивните активности објавена на 15 април, изјави во средата портпаролот на Министерството за внатрешни работи.

Рациите беа извршени во Бремен, Хесен, Хамбург, Долна Саксонија, Северна Рајна-Вестфалија, Шлезвиг-Холштајн и Рајна-Пфалц.

„Оние што го поддржуваат тероризмот нема да бидат безбедни во Германија“, рече министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер на Твитер.

„Без оглед под која „маска“ да се појават, тие нема да најдат засолниште во нашата земја“, додаде министерот кој во моментов е во карантин поради инфекција со коронавирус.

Овие рации се „одговор на непријателите на Израел дека Германија стои покрај израелскиот народ“, рече Пол Земијак, генерален секретар на владејачката германска Христијанско-демократска унија (ЦДУ).

Три забранети групи собираа донации и организираа спонзорства за „семејствата на мачениците“ членови на Хезболах.

Според Министерството, младите приврзаници на Хезболах се повеќе подготвени да учествуваат во борбата против Израел доколку знаат дека нивните најблиски ќе добијат финансиска поддршка во случај на нивна смрт.

Целта на овие организации беше исто така да ја промовираат шиитската борба против Израел, која е спротивна на идејата за меѓународно разбирање, додаде министерството.

Во 2010 година, Германија ги забрани активностите на Хезболах на нејзина територија.

Германските служби проценуваат дека во земјата во моментов има околу 1.050 членови и поддржувачи на Хезболах. Тие немаат официјална организација во Германија, но работат неформално, меѓу другото, собирајќи средства.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk