logo
logo
logo

(Видео) Роверот „Упорност“ ги испрати првите панорамски сцени од Марс

Vecer | 25.02.2021

(Видео) Роверот „Упорност“ ги испрати првите панорамски сцени од Марс


Роверот на НАСА „Упорност“ ја испрати на Земјата првата панорамска слика на површината на Марс, објави американската агенција за истражување на вселената.

Фотографијата што го опфаќа целиот круг е составена од 142 слики направени на 21 февруари од камерата „масткем-з“.

Сликата покажува пуста област со геолошки формации, вклучувајќи карпа со бразди од ветер и работ на кратерот Езеро, каде што роверот слета минатата недела.

НАСА објави дека модерната камера ќе им помогне на научниците да ги испитаат атмосферските услови во кратерот и оддалеку да ги идентификуваат видовите карпи и седименти кои треба да се испитаат со помош на инструменти на роверот.

Џим Бел, истражувач од Државниот универзитет во Аризона, кој ја води операцијата со камерата „масткем-з“, рече дека фотографијата потврдува дека роверот паднал на идеално место, пренесе агенцијата ДПА.

„Упорност“ патуваше низ вселената скоро седум месеци по лансирањето од Кејп Канаверал на Флорида.

Научниците се надеваат дека ќе пронајдат докази во езерскиот кратер дека микробите постоеле на Марс во минатото. Марс имаше вода на својата површина пред милијарди години, а на тоа се заснова и претпоставката дека можеби постоел некој облик на живот на планетата.

„Упорност“ ќе ја истражува површината на Марс, неговата геологија и клима најмалку две години, а исто така ќе собира примероци од карпите и почвата.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk