(Видео) Објавена снимка од падот на рускиот авион во кој загинаа 71 лице

Руски патнички авион вчера се урна кратко по полетувањето од московскиот аеродром „Домодедово“, а претседателот Владимир Путин нареди истрага за причините за несреќата во која загинаа сите 71 патници и членови на екипажот.

Руските експерти во моментот ги разгледуваат сите можности – временски услови, човечка крешка или технички проблем, но меѓу нив не се споменува можен терористички чин.

Официјално е отворена истрага за откривање можни кршења на безбедносните регулативи, објави рускиот истражен одбор.

„Се разгледуваат сите можни верзии за катастрофата, особено временските услови, човечкиот фактор и техничката состојба на воздухопловот“. Регионалниот претставник на Министерството за вонредни состојби рече дека црната кутија била пронајдена на местото на несреќата.

Авионот на „Саратов ерлајнс“ исчезнал од радарот неколку минути по полетувањето и паднал во близина на селото Аргуново, околу 80 километри југоисточно од Москва. „Антонов ан-148“ летал кон градот Орск на Урал, во близина на границата со Казахстан. Во падот загинаа 71 лице, односно 65 патници и шест члена на екипажот. Еден од патниците бил швајцарски државјанин.

Во рускиот регион Оренбург денеска е прогласен ден на жалост поради падот на патничкиот авион. Рускиот претседател Владимир Путин ја одложи планираната работна посета на Сочи со цел координирање на работата на владината комисија формирана по несреќата.

Вчера беше објавено дека падот на „Антонов ан-148“ е втор во светот по бројот на жртви од овој вид несреќи. Првото место во црната статистика го држи „ту-154“, кој се урна во близина на Сочи на 25 декември 2016 година, при што загинаа 92 лица.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари