logo
logo
logo

(Видео) Најмалку 20 загинати, меѓу нив 9 деца во синоќешните израелски напади

Vecer | 11.05.2021

(Видео) Најмалку 20 загинати, меѓу нив  9 деца во синоќешните израелски напади


Палестинците рано утрово лансираа десетици ракети од Газа, а Израел возврати со нови воздушни напади.

Израелската армија објави дека во ракетните напади на палестинските сили утрово се ранети шест цивили.

Војската исто така потврди дека извршила десетици воздушни напади врз појасот Газа во текот на ноќта, насочени кон воени објекти и припадници на Хамас.

Во Газа, синоќа во израелските напади беа убиени 22 лица, од кои девет деца, а над 700 Палестинци беа повредени во судирите со израелските сили во Ерусалим и преку Западниот брег во последните 24 часа, 500 од нив беа примени во болници, пренесуваат светските агенции.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека терористичките организации во Газа ја преминале „црвената линија“ и извршиле ракетен напад врз предградијата на Ерусалим.

Во изјава утрово, водачот на Хамас, Исмаил Хание, рече дека ракетните напади ќе продолжат, сè додека Израел не ги запре дејствијата на тероризам и насилство во Ерусалим, во близина на џамијата Ал Акса.

Доцна синоќа изби конфликт, при што Хамас лансираше десетици ракети, а во Ерусалим се огласија сирените за воздушна опасност.

Нападот се случи откако Хамас му даде рок на Израел да ги повлече силите од комплексот Ал-Акса. Палестинските демонстранти вчера се судрија со израелската полиција пред џамијата Ал Акса во Ерусалим пред најавениот марш на еврејските националисти.

Локалните медиуми тврдат дека повеќе од 300 лица биле повредени, демонстрантите фрлале камења кон полицијата, а тие возвратиле со шок бомби. Претходно, полицијата им забрани на Евреите да доаѓаат во делот на градот околу џамијата Ал Акса за време на маршот по повод Денот на Ерусалим, што беше одбележан вчера во спомен на настанот кога израелската армија го зазеде Источен Ерусалим во 1967 година.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk