Ескалира конфликтот меѓу Израел и Хамас. Од Тел Авив се слушаа сирени од раните утрински часови. Одекнаа и неколку експлозии. Најмалку 35 Палестинци, од кои 10 деца и пет Израелци, се убиени во судирите досега, соопштија здравствените власти.

Израелскиот премиер најави дека ќе ги интензивира нападите врз Газа, додека претставникот на ООН за Блискиот исток повика на прекин на огнот и предупреди дека „трошоците за војната ги плаќаат обичните луѓе“. Во градот Лод е прогласена вонредна состојба поради конфликтот, кој официјалните лица го опишуваат како граѓанска војна.

Советот за безбедност на ООН денеска ќе одржи вонреден состанок, поради последниот израелско-палестински конфликт, во кој, според последните податоци, беа убиени вкупно 40 лица.

Состанокот беше инициран од Кина, Тунис, Норвешка, Франција, Естонија, Ирска, откриваат дипломатите.

На претходниот состанок во понеделникот, Советот за безбедност на ООН не успеа да договори заедничка изјава.

Во градот Лод избувнаа немири, што градоначалникот ги опишува како граѓанска војна. Во овој град е прогласена вонредна состојба. Немирите беа предизвикани од палењето на синагогата во близина на израелскиот аеродром Бен Гурион во вторникот поради конфликтот меѓу арапските и еврејските жители, пренесува Би-Би-Си.

Во овој град запалени се десетици автомобили и искршени се излози на продавници. Најмалку 12 лица беа повредени.

Градоначалникот на Лод, вели дека конфликтот во градот е како „граѓанска војна“ и повика на итно воведување полициски час. Сериозни конфронтации имало и во Акра во северен Израел и во Јафа кај Тел Авив.

Израел рано утрово изврши стотици воздушни напади врз Газа, додека палестинските милитантни групи истрелаа ракети кон Тел Авив и Бершеба.

Избувнаа и неколку експлозии, само неколку минути откако Хамас објави дека испукал повеќе од сто ракети кон Тел Авив, како одговор на израелските воздушни напади врз палестинската крајбрежна енклава.

Портпаролот на Хамас, Фаузи Бархум изјави дека Хамас нема да се повлече и ќе возврати на секој израелски напад.

makfax.com.mk