logo
logo
logo

(Видео) Автомобил-бомба уби четворица во луксузен хотел во Пакистан

Vecer | 22.04.2021

(Видео) Автомобил-бомба уби четворица во луксузен хотел во Пакистан


Автомобил полн со експлозив експлодираше пред луксузниот хотел „Серена“ во Квета, главниот град на провинцијата Балучистан во Пакистан, при што загинаа четворица, во време кога во хотелот престојувала кинеска делегација, пренесува РТ.

Талибанците ја презедоа одговорноста за експлозијата, која го зафати хотелскиот паркинг. Според прелиминарната истрага, експлозијата била предизвикана од бомба поставена на автомобил оставен пред луксузниот хотел со четири ѕвезди.

Снимките од местото на настанот покажуваат како пламени јазици пустошат низ изгорените остатоци на неколку возила.

Најмалку четири лица, вклучително и полициски службеник, загинаа во експлозијата, а 12 други беа повредени, од кои неколкумина беа пренесени во болница во критична состојба. Локалните власти ја нарекоа експлозијата терористички чин, велејќи дека зад експлозијата стојат непријатели на Пакистан.

Во моментот на експлозијата, во хотелот престојувала делегација на кинеската влада. Кинескиот амбасадор во Пакистан, Нонг Ронг, бил меѓу гостите, но бил на настан кога се случила експлозијата, рече пакистанскиот министер за внатрешни работи, Мир Зијаулах Лангове.

Осврнувајќи се на шпекулациите дека високиот кинески дипломат можеби бил цел на нападот, Лангове истакна дека истрагата ќе се обиде да одговори на тоа прашање. Министерот рече дека се сретнал со Нонг веднаш по експлозијата.

Додека пакистанската влада не потврди кој стои зад експлозијата, одговорноста за бомбашкиот напад ја презеде пакистанскиот огранок на Талибанците, Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП), објави Ројтерс. ТТП тврди дека експлозијата била активирана од бомбаш-самоубиец во возилото.

Во последниве години, Балучистан, кој се граничи со Иран и со Авганистан, бележи зголемен број напади против кинеските интереси во провинцијата богата со ресурси. Пет лица беа убиени во напад на хотел со пет ѕвезди во Гвадар, пристанишен град на југозападниот брег на Балучистан, во мај 2019 година.

Нападот врз градот, еден од најголемите центри вклучен во проектот Економски коридор Кина-пакистански (ЦПЕЦ), го презедоа милитантите со Ослободителната армија на Балучистан. Сепаратистите се спротивставуваат на ЦПЕЦ, дел од иницијативата „Белт енд роуд“ на Пекинг,  чија цел е да ја надгради инфраструктурата на Пакистан и да ја поврзе со Кина преку патишта и морски врски.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk