logo
logo
logo

Укината пресудата за државен удар во најпознатиот судски процес во Црна Гора

Vecer | 05.02.2021

Укината пресудата за државен удар во најпознатиот судски процес во Црна Гора


Апелациониот суд во Црна Гора ја поништи првостепената пресуда за обид за државен удар во земјата на денот на парламентарните избори во октомври 2016 година, со која 14 државјани на Русија, Србија и Црна Гора беа осудени на вкупно 67 години затвор.

Во соопштението се вели дека советот на Апелациониот суд „ја укинува првостепената пресуда затоа што во постапката на донесување и во самата пресуда се сторени значителни повреди на одредбите на кривичната постапка, поради што не можеле да бидат прифатени ниту фактички, ниту правни заклучоци, како во однос на постоењето на казнивите дела за кои обвинетите се прогласени за виновни, така и во однос на постоењето на нивна вина за тие дела“, се наведува во одлуката на Апелациониот суд на Црна Гора.

Решено е целата постапка да се врати на почеток пред нов совет на Високиот суд во Подгорица и укинат е притворот за пензионираниот генерал на српската жандармерија, Братислав Дикиќ, кој со првостепената пресуда беше осуден на осум години затвор.

Со неважечката пресуда на Високиот суд во Подгорица, меѓу другите, осудени беа и руските државјани Едуард Шишмаков на 15 и Владимир Попов на 12 години затвор, додека лидерите на опозицискиот проруски Демократски фронт, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ добија по пет години. Беше наведено дека сите обвинети имале задачи што требало да резултираат со насилно соборување на власта во Црна Гора на изборите во октомври 2016 година и прогласување победа на Демократскиот фронт, со цел да се спречи влезот на Црна Гора во НАТО.

Ниту еден од обвинетите не ги прифати делата за кои се товари, а наводите во обвинението ги карактеризираа како наместен политички процес.

Црногорското „судење на векот“, како што го нарекоа медиумите, траеше година и пол со преноси во живо од судницата на сите национални телевизии и по многу нешта беше еден вид судско-политичко-медиумски спектакл.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk