Уапсени две лица за убиството на словачкиот новинар

Словачката полиција уапси две лица кои се поврзуваат со убиството на новинарот Јан Куцијак и неговата партнерка, соопшти шефот на полицискиот корпус. Според информациите од словачките медиуми, осомничените планирале да набават оружје и да одат во селото Велика Мача на 23-ти февруари, каде беа пронајдени мртвите тела на Куцијак и неговата девојка.

Како што пренесуваат словачките медиуми, полицијата извршила претрес во становите на две лица, кои претходно ѝ биле познати на полицијата поради продажба на наркотици. Во нивните станови биле пронајдени и запленети наркотици.

Како што се знае досега, за причина за убиството се смета дека е последниот текст на новинарот Куцијак, кој работеше за порталот Актуелиту.ск, во кој тој пишува за италијанската мафија Ндрангета. Тој подготвувал материјал за активностите на криминалната група во Словачка и нејзината поврзаност со властите во земјата.

Во врска со убиството, вчера оставки поднесоа уште двајца словачки високи претставници, блиски до премиерот Роберт Фицо, откако претходно поднесе оставка министерот за култура Марек Мадарич. Од функција се повлекоа државната советничка во владиниот кабинет, Марија Трошкова, поранешна манекенка и секретарот на словачкиот Совет за безбедност, Вилијам Јасањ.

Владата понуди еден милион евра за информации што ќе помогнат за откривање на одговорните за убиството.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари