Водачот мафија, Италијанецот Роко Морабито, шверцер на дрога кој е во бегство од јуни 2019 година по бегството од уругвајскиот затвор, беше уапсен во понеделникот во Хоао Песоа, на североистокот на Бразил, објавија властите.
Роко Морабито, сметан за водач на „Ндрагета“ (калабриска мафија), беше фатен „заедно со уште еден италијански бегалец“, чиј идентитет не е откриен, по „заедничката истрага на Бразил и Италија“, соопшти бразилската федерална полиција.
Според бразилската полиција, станува збор за најбараните криминалци во Италија.
„Од 90-тите години на минатиот век има индиции за вмешаност на Роко Морабито во организирање на шверц на дрога меѓу Бразил и Европа“, рече полицијата, која закажа прес-конференција за вторник за да даде повеќе детали за операцијата.
Морабито (54) е уапсен по наредба на Врховниот суд.
Италијанското правосудство трага по Морабито од 1995 година поради обвинение за нелегално здружување и шверц на дрога. Во отсуство, тој беше осуден на 28 години затвор, а потоа и на 30 години.
Италијанецот, сметан за еден од најбараните криминалци во светот, беше уапсен во 2017 година во хотел во Монтевидео откако 13 години живеел во уругвајското летувалиште Пунти дел Есте под лажен идентитет.
Уругвајското правосудство ја одобри неговата екстрадиција во Италија во 2018 година, но во јуни 2019 година тој успеа да избега над покривот од најголемиот затвор во Монтевидео и оттогаш е во бегство.