Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, објави дека неговата земја започнала разговори за купување на нова тура системи за ракетна одбрана С-400 произведени во Русија, пренесува „Дејли сабах“.

Чавушоглу додаде дека турската администрација, вклучително и Министерството за одбрана, во моментов разговараат за набавката, истовремено критикувајќи ја позицијата на САД во врска со договорот и посочувајќи дека на Анкара ѝ е потребен ракетен систем.

Тој рече дека ако САД сакаат Турција да купи оружје од нив, тие треба да го понудат по разумни цени и со подобри услови.

На крајот на минатиот месец, Чавушоглу му рекол на американскиот државен секретар, Антони Блинкен, дека купувањето на рускиот систем за противракетна одбрана од страна на Анкара е завршена работа.

„Во врска со С-400, уште еднаш ги потсетивме зошто Турција мораше да ги купи и повторивме дека ова е завршена работа“, изјави Чавушоглу од Брисел.

makfax.com.mk