logo
logo
logo

Цените на нафтата се стабилизираа на 86 долари, трговците се плашат од рецесија

Vecer | 25.01.2023

Цените на нафтата се стабилизираа на 86 долари, трговците се плашат од рецесија

На лондонската берза цената на барелот по пладне беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 86,06 долари. Вчера ја затворија трговијата во минус 2,06 долари.

На американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по 27 центи повисока цена, по 80,40 долари. Вчера го затворија тргувањето со загуба од 1,49 долари. Трговците вчера беа вознемирени од знаците на слабеење на американската економија и неочекувано големиот раст на нафтените резерви во САД. Извештајот на компанијата S&P Global покажал пад на активноста на американската економија во јануари, седми месец по ред.

Залихите на сурова нафта во САД се зголемија минатата недела за околу 3,4 милиони барели, според трговски извори кои цитирале податоци од Американскиот институт за нафта (API). Податоците поттикнаа загриженост за побарувачката на нафта, засенувајќи го закрепнувањето на Кина по ублажувањето на мерките за ковид-19. „Дали цените на нафтата ќе продолжат да растат ќе зависи од тоа колку брзо кинеската побарувачка на сурова нафта ќе закрепне овој квартал“, рече Стивен Бренок од PVM.

„Во меѓувреме, вниманието е насочено кон состојбата на резервите на нафта во САД“, додаде Бренок. Трговците, исто така, внимателно ќе ги следат одлуките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници за снабдување.

Панелот на ОПЕК + најверојатно ќе ја потврди актуелната производствена политика на состанокот на 1 февруари, изјавија извори во групата производители. Тие во октомври одлучија да го намалат производството од ноември до крајот на оваа година за два милиони барели дневно поради послабите економски перспективи.

Одделно, ОПЕК денеска објави дека барел од нафтената кошница на нејзините членки вчера паднал за 1,34 долари на 84,89 долари.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk