Трамп „симнат“ од хотел во Панама

Со придружба на полицајци и судии, сопствениците на објект во Панама во кој се наоѓал хотел на претседателот на САД, Доналд Трамп, ја презеле контролата врз зградата.

Притоа, безбедносната служба на организацијата на Трамп била принудена да ја напушти областа, а работниците веќе го отстранија името Трамп од зградата на хотелот.

Со оваа акција на панамската влада решен е спорот меѓу семејната компанија на Трамп, која се занимава со хотелиерство, и Орест Финтиклис, приватен инвеститор кој одамна настојуваше да ја исфрли компанијата на американскиот претседател надвор од тој објект.

„Денес спорот го решија судиите и властите на оваа земја. Денес Панама нѐ направи горди“, рече Финтиклис.

Иако тој и другите сопственици на овој објект од минатата година се обидуваа да ја отстранат компанијата на Трамп, сепак, организацијата одбиваше физички да го напушти хотелот.

Финтиклис претходно рече дека станува збор за прашање од комерцијална природа, што излегло надвор од контрола и ја поздрави интервенцијата на властите на оваа земја од Централна Америка. Панамските правни власти и организацијата на Трамп досега не излегле во јавноста со свои видувања за овој случај, пренесуваат светските новински агенции.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари