Трамп: Новинарите лажат, среќен сум од постигнатото со Северна Кореја

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека е задоволен од постигнатото во надворешната политика во односите со Северна Кореја.

– Северна Кореја девет месеци не лансираше ракета. Не изврши ни нуклеарни проби. Јапонија е среќна, целата Азија е среќна. Но, лажните вести велат дека сум бил лут (без да ме прашаат, секогаш се повикуваат на анонимни извори) затоа што работите не се одвивале доволно бргу. Лажат, многу сум среќен!, напиша Трамп на својот профил на Твитер.

Американскиот претседател по средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Сингапур, рече дека Севернокорејците се обврзале на нуклеарно разоружување.

Подоцнежната посета на државниот секретар Мајк Помпео беше проследена со американски критики за севернокорејското одолговлекување со исполнување на договореното.

Најновата реакција на американскиот претседател доаѓа откако весникот „Вашингтон пост" објави дека Трамп бил гневен на Севернокорејците и во низа средби со советници од Белата куќа и од Стејт департментот покажал дека е лут на недостигот на напредок.

Трамп дополнително го обвини најбогатиот човек на светот, основачот на Амазон и сопственик на „Вашингтон пост", Џеф Безос, дека продолжуваат да ја злоупотребуваат американската Пошта за брзите пратки од кои зависи успехот на Амазон. (МИА)

Поврзани

Најнови вести

Коментари