Трамп именува нов советник за национална безбедност

Американскиот претседател, Доналд Трамп, го смени советникот за национална безбедност, Х.Р. Мекмастер, и на негово место го постави Џон Болтон.

Како што тоа го направи и неколку пати претходно, Трамп за смената во неговиот кабинет ја извести јавноста преку „Твитер“.

„Драго ми е да најавам дека од 9 април Џон Болтон ќе биде мој нов советник за национална безбедност“, напиша Трамп.

Болтон бил член на владата на претседателот на Џорџ Буш помладиот и коментатор на американската телевизија „Фокс њуз“. Болтон (69) кој заговарал употреба на воена сила против Иран и Северна Кореја, исто така, е следбеник на тврдиот курс кон Русија, објави „Ројтерс“. Исто така, тој е поранешен амбасадор на САД во Обединетите нации.

Болтон е трет советник за национална безбедност на Трамп во последните 14 месеци. Оваа последна промена во администрацијата на Трамп доаѓа десет дена по смената на државниот секретар Рекс Тилерсон на чие место е поставен поранешниот директор на ЦИА, Мајк Помпео.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари