logo
logo
logo

Трагедија во Бангкок: Најмалку 22 ученици за возраст од 3 до 9 години изгореа во автобус(ВИДЕО)

Vecer | 01.10.2024

Трагедија во Бангкок: Најмалку 22 ученици за возраст од 3 до 9 години изгореа во автобус(ВИДЕО)

Според локалните медиуми, повеќето од нив загинале- 22 ученици и тројца наставници, објави Би-Би-Си.

Децата, на возраст меѓу три и девет години, биле од училиштето Ват Као Сангарам во провинцијата Утаи Тани и биле на екскурзија.

Министерот за внатрешни работи на Тајланд, Анутин Чарнвиракул, кој го посети местото на несреќата заедно со министерот за транспорт Сурија Хуангроонгруангкит, рече дека во несреќниот автобус се наоѓале вкупно 38 ученици и шест наставници.

Од пламените јазици успеале да побегнат 16 ученици и уште тројца професори.

Еден од наставниците изјавил дека вратите на запалениот автобус на почетокот не можеле да се отворат, што придонело за големата бројка на жртви.

Учениците се враќале од еднодневна екскурзија во историскиот парк Ајутаја и биле на пат кон Едукативниот центар на Електричната управа (ЕГАТ) во провинцијата Нонтабури кога се случила несреќата. Автобусот се запалил во близина на трговскиот центар Зеер Рангсит на патот Вибхавади Рангсит.

Прелиминарните извештаи сугерираат дека пожарот можеби бил предизвикан од пукање на гума, што ја предизвикало несреќата; возачот изгубил контрола и автобусот почнал да се струга по металната ограда. Искрите од ударот го запалиле резервоарот за гас, имајќи предвид дека возилото користело компримиран природен гас (CNG) како гориво.

Министерот Анутин потврди дека се спасени 16 ученици и тројца наставници, како и дека некои од преживеаните се здобиле со повреди. Тие веднаш биле префрлени на лекување во блиските болници.

Министерот за транспорт Сурија изјави дека Министерството за транспорт ќе ја разгледа безбедноста при користење на CNG во возилата, особено автобусите, по оваа катастрофа. Училиштето објави соопштение на Фејсбук, во кое ги повикува родителите на учениците да им се јават за информации за децата.

Трагичната несреќа привлече национално внимание, а премиерката Паетонгтарн Шинаватра ја изрази својата длабока тага.

„Како мајка сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејствата на повредените и починатите“, сподели таа во емотивната објава на платформата X.

Владата вети дека ќе ги покрие медицинските трошоци за повредените и ќе обезбеди парична отштета за семејствата кои ги загубија своите најблиски.

Истрагата за причините за пожарот е во тек, додека надлежните работат на расветлување на настаните кои довеле до оваа трагедија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk