logo
logo
logo

АНАЛИЗА

Тешко време за ЕУ

Vecer | 15.09.2021

Тешко време за ЕУ

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен денес зборуваше во Европскиот парламент за ситуацијата со ЕУ.

А проблемите исти како оние од минатата година: пандемијата, климатските промени, економскиот раст и длабокиот јаз меѓу поединечни ЕУ членки.

Евробарометар, анкета на јавното мислење која е редовно барана од ЕУ институциите, даде многу јасни резултати. За граѓаните на ЕУ, најважни теми за кои Унијата треба да се грижи се заштита на климата, пандемијата, здравствената заштита, економската состојба и социјалната нееднаквост.

Пандемија

Моментално Европа има доволно вакцини против коронавирусот, но нема доволно вакцинирани жители. Мора да се признае, целта која ја пропагираше Урсула беше постигната – да се вакцинираат 70 отсто од возрасната популација на ЕУ. Но денес, се воспостави дека тоа не е доволно земајќи го во обзир делта сојот кој е многу позаразна варијанта. Покрај тоа, бројот на вакцинирани значително варира од земја до земја: од речиси 90 отсто вакцинирани жители на Малта, до 20 отсто вакцинирани во Бугарија.

Па од тука произлегува дека Европската Комисија мора да работи напорно на оваа тема наредниве месеци. Фон дер Лајен иницираше и формирање на нова институција на ЕУ -ХЕРА која треба да одигра знаќајна улога во борбата против заразните болести. А со ваквата институција, барем делумно ќе ги ограничи некоординираните дејствија на земјите -ЕУ членки кои применија различни стандарди и мерки во борбата против пандемијата.

Економија

Директна последица на пандемијата е невидениот пад на економијата. А на ваквиот факт, Урсула често пати се обиде да се спротистави со програма за обнова/закрепнување. Фокусот на економската политика на ЕУ во наредните години ќе биде фондот за закрепнување тежок 750 милијарди евра кој за прв пат е финансиран од заедничко задолжување на ЕУ членките.

Со оглед на тоа дека мнозинството граѓани на ЕУ веруваат дека претрпеле економска штета поради пандемијата, очекувањата од економската програма се големи. Но, планот крие и ризици – бидејќи истиот води кон поголема задолженост на земјите членки а и поголема инфлација. Веќе започна и дебата меѓу државите во однос на тоа како ќе се справат со големата задолженост.

Климатски промени

Европската комисија сака да инвестира голем дел од парите во фонфот за зелени инвестиции. Европскиот зелен план има за цел да ја направи Европа прв климатски неутрален континент без значителни емисии на јаглерод диоксид и тоа до 2050 година.

А за ваквата амбициозна цел се залагаше и Урсула фон дер Лајен. Моментално ЕК работи на пакет закони и мерки се со цел да се организира транзиција кон обновливи извори на енергија, електрична мобилност и создавање на модерни дигитални работни места. Се уште е нејасно колку секоја земја членка ќе мора да ги намали емисиите со се цел да ја постигне поставената цел.

Заедништво

Во ЕУ владее неединство. Полска и Унгарија се повеќе се спротиставуваат на обидите на ЕК и Судот за правдата да го запрат распаѓањето на правниот поредок во тие земји. Начинот на кој се разбираат европските вредности и основните човекови права повеќе не е ист во сите земји-членки. Ова е особено очигледно по примерот на хомофобичните политики на Полска, Унгарија и некои други земји членки.

Не е решено ниту прашањето за солидарноста во ЕУ особено кога станува збор за мигранстката политика. Распределбата на мигрантите и барателите на азил, кои во иднина би можеле да пристигнат во поголем број од Авганистан предизвика длабоки поделби во ЕУ заедницата. Европската комисија се откажа од очекувањето одговор за механизам за прием на бегалци и се повеќе се фокусира на затворање на надворешните граници и спречување миграција.

Во своето обраќање претседателката на ЕК најави 100 милиони долари итна помош за Авганистан заради превенирање хуманитарна криза и глад, а во светлината на настаните во таа земја, се заложи и за идејата за создавање европска одбранбена унија.

Се чека на Германија

Ако ја споредиме ситуацијата на ЕУ овој септември со првиот говор на претседателката на ЕК од минатата година очигледно е дека темите и проблемите останаа исти. А проблемите се огромни. Урсула фон дер Лајен повторно се обиде да ги престави договорените цели на климатските политики, фондот за закрепнување од економските последици од пандемијата и дигитализацијата на економијата.

А со нејзиниот денешен говор во Европскиот парламент се означи и нов старт на политичката сезона во Брисел и Стразбур. Но, конкретен напредок во законодавството ќе следи кога ќе се формира нова коалициска влада во Германија – најголемата членка на ЕУ. Тоа ќе се случи после изборите во Германија закажани за 26ти септември.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk