logo
logo
logo

СЗО: Третата доза на вакцина против Ковид-19 не е оправдана

Vecer | 13.09.2021

СЗО: Третата доза на вакцина против Ковид-19 не е оправдана

Употребата на дополнителни дози на вакцина против Ковид-19 кај целата популација засега не е оправдана, оценија експерти од СЗО и американската Агенција за лекови (ФДА).

„Вакцините, кои се во ограничени количини, ќе спасат најмногу животи ако ги дадеме на луѓе кои се изложени на висок ризик од тешка форма на ковид и кои се уште не се вакцинирани“, пишуваат експертите во британското медицинско списание „Лансет“.

„Тековните податоци не ја покажуваат потребата за повторна вакцинација на целата популација, бидејќи ефикасноста против тешките форми останува висока“, продолжува групата меѓународни експерти, која вклучува експерти од Светската здравствена организација и ФДА, како и неколку истражувачки организации од целиот свет.

Можноста за дополнителна, обично трета доза, за целото население е предмет на жестока дебата.

Во земји како Франција, започна вакцинација од трета доза за некои категории на население, за најстарата (шест месеци по првичните дози) и за лицата со ослабен имунитет.

Овие земји го оправдуваат потегот со падот на ефикасноста на вакцините наспроти делта варијантата, и се чини дека овој пад се интензивира со текот на времето.

Некои отидоа подалеку. Во Израел, третата доза е достапна за секој на возраст над 12 години, пет месеци по вакцинацијата. Соединетите држави започнуваат кампања за дополнителна вакцинација на 20 септември, почнувајќи од најстарата популација.

Но, СЗО постојано го отфрла принципот на дополнителна доза за целото население и верува дека мерката не е научно заснована и ја нагласува нееднаквоста со сиромашните земји.

Експертите чија статија беше објавена во „Лансет“ веруваат дека, дури и ако нивото на антитела се намали со текот на времето кај вакцинираните луѓе, тоа не значи дека вакцините се помалку ефикасни против тешките форми на болеста.

Тие нагласуваат друг аспект на имунолошки одговор, клеточниот имунитет, што е потешко да се измери.

Покрај тоа, тие препорачуваат развој на дополнителни вакцини специјално дизајнирани за отпорни варијанти што може да се појават во иднина, наместо да се користат дополнителни дози на постоечките вакцини.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk