Тимот на Светската здравствена организација се уште не може да утврди од кое животно потекнува коронавирусот. Според нивните истражување врзани со потеклото на Ковид-19 вирусот не е веројатно да излегол од кинеска лабораторија, туку скокнал од животно на човек.

Институтот за вирусологија во Вухан, кој се наоѓа на петнаесетина километри од „влажниот пазар“, каде што некои научници велат дека е можно да почнала епидемијата, беше во центарот на теориите на заговор за потеклото на вирусот.

„Нашите први сознанија сугерираат дека најверојатната патека е пренесување преку посреднички вид домаќин, за што ќе бидат потребни повеќе студии и поконкретно, пофокусирано истражување“, рече научникот на СЗО Питер Бен Ембарек.

Нејасно е кое животно го пренело вирусот или кога се случило тоа. Вирусот може да е пренесен и преку замрзната храна, рече Ембарек.

Прес-конференцијата се одржа по двонеделната мисија на тим на научници од СЗО и Кина, која долго време беше одложувана поради одбивањето на кинеската влада да ги пушти меѓународните истражувачи во земјата.

Иако истражувачите се фокусираа на влажниот пазар, каде што се продаваат живи животни, пренесувањето најверојатно се случило во други области на Вухан во тоа време, изјави портпаролот на Националната здравствена комисија на Кина, Лианг Ванијан.

Нема знаци дека вирусот се ширел во Вухан пред декември 2019 година, рекоа истражителите.