СЗО предупреди дека, и покрај падот на бројот на пациенти и смртните случаи од КОВИД- 19 каки и поголемиот број вакцинирани во одредени земји, сепак пандемијата не е завршена.

Директорот на СЗО, Тедрос Гебрејсус, на брифинг во Женева изјави дека бројот на смртни случаи и болести опаѓа втора недела по ред, но предупреди дека во побогатите земји се развива свест дека пандемијата е завршена затоа што имаат голем број вакцинирани, додека во другите делови на светот ситуацијата се уште е многу сериозна.

„Пандемијата е далеку од завршена и нема да заврши никаде додека не заврши насекаде“, вели директорот на СЗО.

Тедрос Гебрејсус предупредува дека новите варијанти, слабите здравствени системи, полу-спроведувањето на мерките за заштита, како и недостатокот на медицински средства и вакцини ја влошуваат состојбата во посиромашните земји. Тоа, објаснува тој, ја компромитира набавката на вакцини на глобално ниво и подвлекува дека наскоро во програмата Ковакс ќе останат без вакцини.

Програмата за дистрибуција на вакцините до сиромашните земји се потпираше на вакцините од Институтот во Индија, кој произведува вакцина АстраЗенека. Но, многу од овие вакцини нема да излезат од Индија затоа што им се потребни на локалното население, кое се бори против вирусот.

Шефот на СЗО предупреди дека Ковакс ќе има 190 милиони дози помалку од планираното до крајот на јуни и дека досега се испорачани 65 милиони дози во 124 земји. Но, програмата сепак зависи од земјите донатори и исполнувањето на обврските на производителите да обезбедат вакцини.

Според него производителите на вакцината АстраЗенека полека ги зголемуваат количините на произведени вакцини, но дека другите не го прават тоа. Фајзер вети дека ќе му даде на Ковакс 40 милиони вакцини оваа година, но дури во втората половина на годината.

„Потребни ни се вакцини веднаш, за да можеме да ги дистрибуираме што е можно побрзо“, вели тој.

Тој исто така ги повика богатите земји кои имаат вишок вакцини да ги дистрибуираат на сиромашните.

„Ние треба да поставиме заедничка цел и да ја вакцинираме возрасната популација што е можно поскоро. Никој не е безбеден се додека сите не бидат безбедни”, вели шефот на СЗО