logo
logo
logo

СЗО: Потрагата за потеклото на пандемијата ќе трае со години

Vecer | 05.02.2021

СЗО: Потрагата за потеклото на пандемијата ќе трае со години


Член на тимот од Светската здравствена организација (СЗО) кој спроведува истрага во Вухан, кинескиот град каде првично беше откриен коронавирусот, вели дека е изненаден од комплексноста на задачата да се открие потеклото на вирусот и дека истражувањето веројатно ќе трае со години.

Доминик Двајер, микробиолог и експерт за инфективни болести, вели дека кинеските власти го одобриле пристапот за истражувачкиот тим да ги испитува почетоците на пандемијата на коронавирусот во Вухан.

„Сите знаат дека пандемијата избувнала од пазарот Хуанан во Вухан, но клучно е да се открие што се случувало тогаш и претходно“, вели Двајер.

Потеклото на коронавирусот стана високо исполитизирано прашање по меѓународните критики кон Кина за недостаток на транспарентност во раните денови на епидемијата. Пекинг ја застапува теоријата дека вирусот потекнува од друго место.

Двајер, австралиски експерт за ХИВ, кој соработувал со СЗО за време на епидемијата на САРС и птичји грип, вели дека главната загатка со Ковид-19 е тоа што првите асимптоматски пациенти не знаеле дека носат вирус.

„Наивно е да мислиме дека ќе дојдеме до нултиот заразен“, вели Двајер. „Раните случаи беа забележани во ноември 2019 година, но најважно е што се случувало кратко пред тоа“, додава тој.

Двајер се согласува со Питер Дашак, зоолог и експерт за болести кај животните, исто така член на тимот, кој нагласува дека ќе биде многу тешко да се разбере потеклото на коронавирусот.

„На пример и со САРС и со ебола, имаме неколку издржани теории, но никој не е сигурен“, изјави Дашак за „Ројтерс“ во четвртокот. „Со ХИВ, не ги знаеме точните околности“, истакна тој.

Истражителите во Вукан досега посетиле болници, истражувачки центри и пазар на морска храна каде што бил пријавен првиот случај, но нивните контакти во градот се ограничени на посетите организирани од кинеските домаќини.

Двајер рече дека тимот завршил со обиколка на местата и се подготвува да ги презентира првите заклучоци што е можно поскоро, пред 28-дневната виза за членовите на истражувачкиот тим да истече кон крајот на следната недела.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk