Пандемијата на ковид-19 ја достигна критичната точка со експоненцијално зголемување на бројот на заразени лица, но со докажани ефективни мерки може да се стави под контрола, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО).

“Пандемијата достигна критична точка. Таа е во полн ек и експоненцијално расте. Ова не е ситуација во која сакаме да бидеме по 16 месеци од избувнувањето на пандемијата, особено имајќи предвид дека имаме ефективни мерки за контрола”, рече Марија ван Керхове, технички директор на СЗО за борба против ковид-19.

Таа предупреди дека бројот на заразени лица во светот се зголемил за девет проценти минатата недела, а бројот на смртни случаи за пет проценти.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус, рече дека сите сакаат да ги отворат општествата и економиите, но дека ќе биде потребно многу време за да се надмине пандемијата.

“Ние исто така би сакале да се отворат општествата и економиите, трговијата да заживее и повторно да се патува. Но, во моментов, единиците за интензивна нега во многу земји се преплавени со пациенти, а луѓето умираат. И сето тоа може да се избегне”, рече Тедрос.

„Ќе биде потребно долго време да се стави крај на пандемијата, но имаме причина да бидеме оптимисти“, додаде тој, потсетувајќи дека падот на заразените и мртвите во првите два месеци од оваа година покажува дека можеме да го запреме коронавирусот и неговите варијанти.

Но, во светот постоеше „конфузија, заплеткување и недоследност во примената на мерките за јавно здравје“, и тоа е главната причината за повторно ширење на инфекцијата.

Во некои земји, шефот на СЗО истакна, и покрај фактот дека инфекцијата продолжува да се шири немилосрдно, рестораните, ноќните клубови и пазарите се отворени и полни, а само мал број луѓе ги почитуваат епидемиолошките мерки.

Најголемиот број новозаразени, посочи тој, е забележан во земјите од Азија и на Блискиот исток.

Тој повтори дека вакцините се „клучна и моќна“ алатка во борбата против ковид-19. Досега се администрирани 780 милиони дози на вакцините ширум светот.