По средбата со италијанската премиерка Џорџа Мелони, Столтенберг рече дека НАТО во наредните денови ќе набљудува дали Русите навистина се повлекле од западниот брег на реката Дњепар.

„Она што е јасно е дека Русија е под голем притисок и ако го напушти Херсон, тоа ќе биде уште една победа за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите по средбата со новата премиерка Мелони.

Тој додаде дека НАТО ќе ја поддржува Украина „сѐ додека е потребно“.

„Невидената поддршка дадена од сојузниците на НАТО, вклучително и Италија, прави разлика на бојното поле секој ден и останува клучна за напредокот на Украина“, изјави тој за новинарите.

Мелони, која ја презеде функцијата премиер на Италија минатиот месец, рече дека нејзината влада останува посветена на одбраната на „територијалниот интегритет, суверенитет и слободата на Украина“.