logo
logo
logo

Стејт департмент: Обвинувањата на Турција дека САД стојат зад обидот за пуч се неодговорни

Vecer | 05.02.2021

Стејт департмент: Обвинувањата на Турција дека САД стојат зад обидот за пуч се неодговорни


Американскиот Стејт департмент синоќа соопшти дека проценките на турските официјални лица дека САД се вмешани во обидот за државен удар во Турција во 2016 година се целосно неточни.

Во соопштението на Стејт департментот, откако турскиот министер за внатрешни работи ги обвини САД дека стојат зад обидот за државен удар, се вели дека забелешките за вмешаноста на САД во настаните во Турција се неосновани и неодговорни.

„Ваквите изјави кои доаѓаат од Турција не се во духот на НАТО сојузништвото“, се додава во соопштението од Вашингтон.

Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, ги обвини САД дека стојат зад неуспешниот пуч во 2016 година.

Сојлу за „Хуријет“ изјави дека Соединетите Американски Држави го контролирале обидот за државен удар додека мрежата на Фетулах Ѓулен го спроведувала.

„Јасно е дека САД стојат зад 15 јули. ФЕТО го стори тоа по нивна наредба“, рече тој.

Повеќе од 250 лица беа убиени во обидот за соборување на претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата влада на 15 јули 2016 година.

Анкара долго време го обвинуваше проповедникот Фетулах Ѓулен, поранешен сојузник на Ердоган, кој живее во Пенсилванија, и неговото движење, за кое Анкара ja користи кратенката „ФЕТО“. Ѓулен негира каква било вмешаност.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk