Стапката на плодност опаѓа, бројот на населението расте

Според една неодамнешна студија објавена во медицинското списание „Лансет“, од 1950 година досега стапката на плодност во светот е намалена за половина, но населението продолжува да расте.

Стапката на плодност – односно, бројот на деца што една жена може да ги има доколку живее до крајот на своите репродуктивни години – се намалила од 4,7 живородени деца во 1950 година на 2,4 во 2017.

Истовремено, од 1950 година наваму светската популација се зголемила речиси трикратно, од 2,6 милијарди луѓе на 7,6 милијарди, се вели во извештајот. Од 1985 година оваа бројка на годишно ниво во просек се зголемува за 84 милиони луѓе.

Според авторот на студијата, доктор Кристофер Мареј, ваквиот тренд не е изненадувачки бидејќи е очекувано стапката на плодност да опадне со зголемувањето на бројот на жени кои работат и имаат поголем пристап до медицински услуги. Уште еден фактор што придонесува за ваквата појава е и подоцнежното стапување во брак.

Со истражувањето биле опфатени 195 земји и територии, а истражувачите дошле до заклучок дека стапката на плодност опаднала во сите нив.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари