logo
logo
logo

СПРЕЧЕН ДРЖАВЕН УДАР ВО ГЕРМАНИЈА: Планирале да ја сменат власта преку вооружен напад на Бундестагот

Vecer | 07.12.2022

СПРЕЧЕН ДРЖАВЕН УДАР ВО ГЕРМАНИЈА: Планирале да ја сменат власта преку вооружен напад на Бундестагот

Германската полиција спроведува голема операција против десничарските екстремисти кои се осомничени дека планирале да упаднат во Бундестагот, пренесува „Шпигел“ повикувајќи се на извори.

Како што се наведува, специјалните сили истовремено ја спровеле операцијата во 11 сојузни држави. По наредба на Обвинителството приведени се 25 лица кои се осомничени дека се членови на терористичка организација или дека ја поддржуваат. Се наведува дека тие се дел од терористичката група „Граѓани на Рајхот“.

Претресот се врши во 130 куќи, канцеларии и други објекти. Се нагласува дека планот на екстремистите бил да извршат вооружен напад врз парламентот и да ги држат во заложништво политичарите. Тие очекувале дека некои делови од безбедносните структури ќе се солидаризираат со нив, што ќе овозможи државен удар.

Обвинителството соопшти дека меѓу приведените е и еден руски државјанин. Според Обвинителството, таа е осомничена дека посредувала меѓу водачите на заговорниците и претставници на Русија. Уапсените се осомничени дека се обиделе да воспостават врска со претставници на Русија, но не добиле поддршка, додаваат од Обвинителството. Обвинителството истакна дека нема причина да се сомнева дека руските функционери ги поддржувале заговорниците.

Осомничените планирале да формираат привремена воена влада и да водат преговори со голем број земји.

Германското обвинителство објави и дека многу од приведените се во служба на Бундесверот.

Сакале да ја сменат сегашната влада

Акцијата се спроведува под името „Соко-сенкс“ и во рамките на неа 3.000 припадници на безбедносните служби извршиле претрес на 137 предмети во сопственост на 52 осомничени, додека 25 од нив се уапсени, пренесува германски Билд. Како што објави Билд, мрежата е формирана околу принцот Хајнрих, кој е класифициран како безбедносна закана, како и поранешната пратеничка на АФД и берлинска судијка Биргит М.В.

Сакаа да ја сменат сегашната влада. Сè започна кога истражителите влегоа во трага на тајна организација во Хесен, кога во август 2022 година до властите беше пријавено постоење на тајна „антиуставна група“, пишува медиумот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk